КОза НО сра!

“Хедис-револуцијата што се крена на Перо Наков без број, во таа смисла, ги нема сите идеали на број: во неа слободата служи како параван зад кој треба да се изметат еднаквоста и правдата. Колегата Борјан Јовановски не доби одговор во отвореното студио од „професорот по демократија“ Ѓорѓе Иванов што е демократија. Не знам што ќе одговореше Иванов, но сигурен сум дека ако Борјан му се јавеше на некој американски професор по демократија, меѓу првите одредници на терминот што ќе ги добиеше ќе беше еднаквоста во правата и обврските. Во САД и во другите развиени демократии плаќањето данок е религија, не само клуч на демократијата. Оттука, контрадикторни се тврдењата дека новинарите на „А1“ критички ја опсервирале стварноста, но не било нивна работа да се занимаваат со фирмите на својот (како и на секој друг) газда. И да не си којзнае колку критички опсерватор, ќе забележиш кога владата го товари со пари газдата и кога тој бара нешто да се испорача за таа сметка. А колегите од овие медиуми добро знаат дека ниедна хајка од тие што синхронизирано ги тераа „А1“ и „Време“, ниту онаа против Перо Гошев на времето, ниту против Трифун Костовски потоа, ниту против Харалампие Хаџиристески, беше изворно новинарска, туку сите беа плод на личните интереси и каприци на газдата.

Не е манипулација само искривувањето или, како што тоа денес се вика, спинувањето на вистината, туку и секое селективно претставување на фактите. А факт е дека слободата и независноста на новинарите во групацијата на Рамковски беше и се’ уште е загрозена од нивниот газда. И самиот Велија давал изјави од кои може да се заклучи дека тој е и газда и главен уредник. Зошто за таа слобода колегите не кренаа востание? Зошто за така загрозената слобода немаше отворено студио и отворен повик за поддршка? Факт е дека „А1“, „Време“, „Шпиц“, „**** е ре“ и уште неколку списанија се под капата на еден газда и дека тоа е спротивно на законите, го урива пазарот, а со тоа и демократските процеси. Факт е дека тоа е една од критиките во извештајот на ЕУ за Македонија, но факт е и дека некои колеги не се толку за демократска и за европска Македонија тогаш кога овие принципи ги урива нивниот газда. Зошто толку селективен пристап за слободата, демократијата, независноста?

Немам дилеми дека треба да бидеме со нашите колеги во нивната битка за осуда на малтретирањето од полицијата. Не сме среќни кога Македонија е опседната со Долина на волците, но уште помалку сакаме таа да стане долина на специјалците. Мора да сме единствени во борбата против намерите на власта да не’ контролира. За тоа ја имаат и ќе ја имаат нашата безрезервна поддршка. Исто како што ќе ја имаат нашата поддршка кога и самите ќе решат да се спротивстават на тезгарењата со нив на нивниот газда. Зашто, да не се лажеме, и ова на крајот може да заврши со еден голем пазар во кој сите жртви ќе бидат на страната на новинарите. А таму, на кванташкиот медиумско-политички пазар на кој царуваше Велија, новинарството вреди колку пакет замрзнати батаци”.

Верувале или не, автор на овие редови е Сашо Кокаланов, бившиот уредник на “Дневник“. Откако го напиша ова, неговата кариера мина нив разни фази во кои човекот ги измеша професиите. Романсиер, сценарист, писател, пиар стратег, осигурителен агент. Денес е повторно новинар кој во “Фокус“ се крие зад рубриката Коза Ностра. Вечниот Сашо прави пародија на македонската реалност. Бившиот портпарол на Министерствтото за надворешни работи, бившиот функционер во Агенцијата за млади и спорт, човекот за сите времиња, сега дува во иста тиква со новинарите што кренаа “хедис“ револуција. Оние кои како глодур ги споредуваше со пакет смрзнати батаци. Денес им се исмева на институциите во кои правеше кариера, ги критикува луѓето кои го влечеа потпросечниот и нехаризматичен чиновник од едно место на друго и на крај му дадоа доверба да го уредува највлијателниот дневен весник во Македонија. Ех, синдром македонче, дребно човече.

“Од главата си патиме“ напишал големиот Чернодрински на почетокот на минатиот век. За жал кармата бавно или никако не се менува. Македонецот и во новиот милениум влезе со истите фрустрации. Зошто тој а не јас, да умре комшијата оти козата веќе умре. Да расчистиме со луѓето кои ни помогнале, да им свртиме грб на оние на кои им должиме. За да не не потсетуваат на срамот што во себе го носиме. Душмани да ни станат оние кои паметат какви опинци сме биле и ни помогнале чевли да станеме. Е за таквите опинци, нешто во нивниот стил, за нештата да не бидат заборавени.

“Драмски театар 2020.

Вести од култур(н)ата – батак револуција

Во режија на Сашо Кокаланов утре е премиерата на претставата “Мултимедијален уметник – прирачник за фокусирани новинари и луѓе за сите времиња, тоа сум Јас“.

Рецензија:

Во ова дело, сеуште ( бидејќи кај Сашо поимот сеуште е вечен ) младиот автор многу пластично и сликовито го опишува инстиктот на македонскиот човек за преживување во турбулентните демократски времиња. На моменти мошне шегобиен, во заплетот смртно сериозен Кокаланов го портретира она што веријатно најдобро го знае бидејќи го носи во себе како дар, умешноста за брзо менување бради и мустаќи без прибор за бричење и пена. Денес едно утре друго. Плукај, ркај или лизни, мазни. По потреба. Измислените ликови се само случајно исмислени херои. Тие навистина постојат. Тие се ликови од опкружувањето на авторот кој брзо пишува а бавно зборува, луѓе кои со сета своја тежина го заслужиле потсмевот кој блика од острото Перо на Сашо. Во секој случај претстава што нема да ве остави рамнодушни“.

рецензент Панчо Фефероне за Економски Лидер