Кожув го понижи Работнички и се избори за мајсторка

Кошаркарите на Кожув се изборија за мајсторка во полуфиналето на плеј-офот во домашното првенство, откако на домашeн терен го декласираа најтрофејниот македонски клуб Работнички со 87:51 и израмнија на 1:1 во победи.

Катастрофата на гостите од Скопје беше најавена по само неколку минути игра, откако Кожув експресно поведе со 9:2, со што домашните кошаркари јасно ставија до знаење дека немаат намера да се предадат во оваа полуфинална серија.

Гевгелични постојано беа во водство, а второто полувреме го започнаа со серија од 12:0, период по кој веќе беше јасно кој ќе излезе како победник од овој натпревар.

Сите кошаркари од таборот на Кожув се запишаа меѓу стрелците на овој меч, а најефикасни беа Чупковиќ со 16, Пековиќ со 14 и Гоцевски со 13 поени. Центрите Кнежевиќ и Колмен постигнаа по 14 поени, за Работнички.