Коѕиас до Попоски: Позицијата на Грција е цврста, отстапки да направи Македонија

Грција ја повторила својата долгогодишна и цврста позиција за проблемот што го имаат со нашето уставно име, а за да се реши, тие очекувале отстапки од македонска страна. Ова, според грчкото МНР, му го соопштил шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас на македонскиот колега Никола Попоски на средбата во Рига, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

“Коѕиас му ја повтори на Попоски долгогодишната цврста позиција на грчката страна во однос на разговoрите што се водат под директива на специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ОН за прашањето за името на соседната земја, нагласувајќи дека Грција направи значителни придвижувања во насока на заеднички прифатливо сложено име со географска одредница, за сите употреби, како дома така и меѓународно ( ерга омнес ) и дека Грција чека од страна на пј Р Македонија да биде покажана иста одговорна позиција и подготвеност да го реши проблемот”, се вели во соопштението на грчкото МНР.

Во однос на евро-атлантската перспектива, Коѕиас нагласил дека одлуката наводно ќе биде направена врз основа на критериумите и процесот кои што важеле за сите земји кандидати и ќе биде донесена колективно. Од особено значење во оваа насока, според Коѕиас, е функционирањето на државата, мирни меѓуетнички односи, почитување на добрососедските односи и спречување на наводниот иредентизам.

“Во однос на проблемот со иредентизмот кој што се истакнува на различни начин од страната на пј Р  Македонија, Коѕиас нагласи дека тоа е вистинскиот проблем зад прашањето со името. Коѕиас му кажа на Попоски дека за соочување со иредентистичката политика, тој планира на владата на соседната земја да и предложи усвојување на мерки за зајакнување на довербата, како иден чекор на добра волја од грчка страна”, се вели во сооштението на грчкото МНР.

Коѕиас тврдел и дека во Грција има широк консензус за прашањето за името, независно од внатрешната политика, за разлика од Македонија каде што според него, со ова прашање се влијаело на македонската домашна политичка сцена.