Коѕиас: Европа не треба да воведува нови санкции кон Русија

Европа не треба да воведува нови санкции против Русија, туку треба да размислува на долгорочна перспектива за односите со Москва и да не донесува избрзани чекори, оцени денеска грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас во интервју за агенцијата АНА-МПА, пренесе МИА.

На средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ одржана во четвртокот во Брисел Коѕиас потенцирал дека Грција сака стабилизирање на ситуацијата и мир во Украина, но истовремено и избегнување на раскол во односите меѓу ЕУ и Русија. Министерот вели дека дебатите на средбата биле тешки и требало да се пронајде начин да се сочуваат надворешно-економските односи на Грција со Европа и истовремено да не се нарушат односите на Европа и Грција со Русија.

Коѕиас истакна дека на седницата Грција „се спротиставувала до последен момент и успеала да ги убеди повеќето дека Европа не треба да воведува трет бран санкции против Русија, односно така наречените секторни санкции, кои означуваат уништување на сектори од економијата на Русија“.

-Партнерите, кои не сакаат прекин на односите со Русија, гледаа со симпатии на нас, а ние се криеаја зад нас за време на разговорите. Други партнери, кои се категорично против вакви преговори и односи со Русија, се однесуваа критички и се дистанцираа од нас, објаснува Коѕиас.

Тој објаснува дека аргументите на средбата му биле главно политички и геополитички, а високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини го сфатила проблемот и разбрала дека „интеграцијата на ЕУ не може да се остварува преку постојана агресивност“.

– Европската унија треба да размисли да долгорочната перспектива: какви односи сака со Русија, како да се стабилизира ситуацијата во регионот, објаснува Коѕиас.

Министрите за надворешни работи на ЕУ се откажаа од воведување нови санкции против Русија, а грчката Влада тоа го нарече „значителен успех на грчката дипломатија“, одбележува ТАСС.

фото: МИА