Коѕиас и Кери разговарале и за Македонија

Грчко-македонските односи биле една од темите за кои разговарале грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас и американскиот државен секретар Џон Кери на синоќешната средба во Вашингтон, пренесува МИА.

– Имавме многу интересен пријателски разговор со државниот секретар на САД, Џон Кери, и со целата американска делегација. Разговаравме, пред се, за економската состојба во Грција, за начините на кои, денес и во подолг временски период, САД може да и помогне на земјата од економски аспект, за потребата да има поголема доверба во грчката економија со цел зголемување на инвестициите, изјави Коѕиас.

Тој додаде дека во разговорите станало збор и за регионот и односите со соседите.

– Исто така, зборувавме за иницијативите што се преземени од страна на грчката Влада во врска со грчко-турските односи, нашите односи со Македонија, како и за состојбите во регионот и за кипарското прашање. Разговаравме за условите во нашиот регион и иницијативите кои можат да се преземат, информира шефот на грчката дипломатија.

Други детали за средбата не се соопштени, а интересно е и тоа што грчките медиуми, кои вообичаено имаат информации од „доверливи извори“, овој пат не пишуваат ништо повеќе за средбата со Кери.

Коѕиас оваа седмица е во посета на САД, во чии рамки во петок на 24 април во Њујорк ќе се сретне со генералниот секретар на ОН Бан Ки -мун и медијаторот Метју Нимиц.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.