Коѕиас и Могерини загрижени за настаните во Македонија

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини вчера разговарале за Македонија, при што изразиле загриженост за последните настани во нашата земја.

Ова го соопшти грчкото МНР, додавајќи дека двајцата дипломати разговарале и за ситуацијата во Украина и за претстојните состаноци на Советот за надворешни работи и европскиот совет, на кој ќе се дискутира за прашања од заедничката безбедносна и одбранбена политика.

– Министерот за надворешни работи Коѕиас и Могерини разговараа за зголемувањето на тензиите во поранешна југословенска Република Македонија, кои доведоа до воскреснување на барањата на ПЈРМ за пристапување кон ЕУ и НАТО и покрај актуелниот спор со Грција во врска со официјалното име на оваа балканска земја, пишува „Катимерини“.

Според весникот,  Коѕиас и на средбата со бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов разговарал за ситуацијата во Македонија, додека фокусот во дискусијата бил ставен на изгледите за соработка меѓу Грција и Бугарија, главно во енергетскиот сектор.

Средбите се одржани на маргините на министерски состанок на Северно – атлантскиот Совет на НАТО во Анталија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.