Коѕиас и Штајнмаер разговарале и за името на Македонија

Името на Македонија била една од темите за кои вчера разговарале грчкиот и германскиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас и Франк Валтер Штајнмајер, јави дописникот на МИА од Атина.

Грчките медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, пишуваат дека името на нашата земја била неизбежна тема на состанокот меѓу двајцата министри, со оглед на „значителната вклученост на Берлин во прашањето за името на Македонија, преку средби со претставници на земјите од Западен Балкан“.

„Катимерини“ открива дека прашањето за името го покренал Коѕиас „поттикнувајќи го Берлин да преземе потез за компромис од страна на Скопје“.

Грчките медиуми во изминатиот период често пишуваа за „зголемено влијание на Германија на Балканот“, особено по конференцијата на земјите од Западен Балкан, која минатата година се одржа под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел. Грците не пропуштаат прилика да споменат дека нашата земја на конференцијата беше поканета под уставното име, што се толкува како јасна порака до официјална Атина за германскиот став.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.