Коѕиас: Нема ЕУ и НАТО додека не го смените името

Прашањето за името било поврзано со иредентизам, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас во интервјуто за грчката државна новинска агенција АНА МПА. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, Коѕиас во интервјуто отворено нагласува дека Грција ќе ги блокира македонските евро-атлантски интеграции се додека не се согласиме на промена на уставното име.

Мора да се најде решение за прашањето за името, кое што секако е поврзано со иредентизам. Многумина сметаат дека ова прашање треба да биде од второстепено значење, но јас потсетувам дека тоа е предуслов за пристапување на нашата соседна земја кон ЕУ и кон НАТО. Всушност, целта на Времената спогодба беше да се обезбеди време за предлози за спорот со името. Ние имаме неколку предлози и чекаме одговор од другата страна, изјави Коѕиас.

Коѕиас тврди дека Грција сака да има добри односи со Македонија, но дека од нас очекувале “да ја почитуваме историјата и да немало иредентизам и на национализам”.

Иредентизмот мора да се неутрализира, како и национализмот кој предизвикува разгорување помеѓу одредени страни на Балканот. Значи, мерките за градење доверба се многу корисни со ова. Карактеристично е тоа што, кога јас првично го направив овој предлог, бев нападнат и на меѓународно ниво и во нашата соседна земја. Денес секој сака да заборавиме дека ова било предлог на Грција и тие мерки да се претстават како предлог на сите играчи заедно, тврди Коѕиас.

За потсетување, македонската влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ во изминатите години упати десетици инцијативи до грчките колеги за унапредување на билатералните односи и соработката и ниту една од нив не беше прифатена.

Грчката страна со години упорно ги одбиваше иницијативите за потпишување на декларација за пријателство и соработка, за основање на заеднички образовно-историски комитет, за потпишување рамковен предлог за унапредување на билатералните односи, за основање на заеднички комитет од претставниците на министерствата за внатрешни работи на двете земји, граничната полиција и на царината, за договорно регулирање на економската соработка преку склучување договор за одбегнување на двојното оданочување и за основање на заеднички контакт центар на министерствата за внатрешни работи на двете земји.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.