Коѕиас: Правиме се’ што можеме да помогнеме на вашиот пат кон ЕУ

Коѕиас: Правиме се што можеме да помогнеме на вашиот пат кон ЕУ

Сакаме вашата земја да ја видиме да оди по европскиот пат уште побрзо. Правиме се што можеме да помогнеме на вашиот пат кон ЕУ. За името, како и за секој проблем, постои решение, изјави министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас на денешната заедничка прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин и колега министерот Никола Попоски, објави МИА.

– Грчката надворешна политика верува дека оваа земја е благодет и е носител на стабилноста и безбедноста. Правиме се што можеме да помогнеме на вашиот пат кон ЕУ. Веруваме дека постоењето и стабилноста на оваа држава е дар на Балканот. Постои една разлика во однос на името, но за секој проблем постои и решение, рече Коѕиас.

Министерот Попоски истакна дека денеска не е постигнато решение за името, но постигнат е договор за повеќе мерки за градење доверба кои ќе придонесат за надминување на разликите во духот на европските вредности и согласно заедничките интереси.

– Денешниот заклучок е дека правиме нов чекор за заемен активен пристап и за поттикнување практична соработка. Најслабата алка изминатите неколку децении во нашите билатерални односи е секако довербата која очиглено била на недоволно високо ниво. Најсилна алка, пак, во нашите односи бил интересот и мотивот на нашите граѓани, бизниси и општества да се поврзуваат и да соработуваат. Со денешниот чекор цениме да ја зајакнеме најслабата алка преку најсилната. Едноставно имаме традиција на недоверба која заедно можеме да ја надминеме и сметаме дека соработката е најдобра мерка за градење доверба, рече Попоски.

За време на посетата, министерот Коѕијас треба да биде примен од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, од претседателот на  Владата Никола Груевски, како и од заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Фатмир Бесими.

Коѕијас во Скопје исто така ќе се сретне и со лидерите на поголемите политички партии, на СДСМ Зоран Заев, на ДПА Мендух Тачи, како и со претседателот на ДУИ Али Ахмети.