Крадци на новогодишната ноќ се обиделе да ја ограбат поштата

Филмски крабеж, или поточно обид за грабеж се случил во експозитурата на „Македонска пошта“ во Ѓорче Петров вечерта на дочекот на Нова година, за кој полицијата сѐ уште молчи и не соопштува никакви детали, пренесува Република.

Ноќта меѓу 31-ви декември и 1-ви јануари, група на засега непознати лица имале обид за грабеж на подржуницата на „Македонски пошти“ во скопската населба Ѓорче Петров. Како што дознава Република, крадците со погоден алат успеале да ја отворат задната врата на поштата, односно службениот влез од страна на пазарот, ја промениле бравата и ја затвориле вратата за да „работат“ на мира.

Оттука продолжиле со уривање на еден ѕид од канцеларија, со цел да пристигнат до следната канцеларија која граничела со задниот ѕид на сефот. Откако успеале да ја срушат конструкцијата на привремениот ѕид од гипс-картон, го срушиле и ѕидот од цигли, по што успеале да стигнат и до ѕидот од сефот. Во тој момент започнале со бушење на сефот, но за среќа не успеале во намерата, по што се откажале и избегале од местото на настанот.

Обидот е констатиран од страна на полицијата, а на лице место излегол и инспектор кој изготвил и записник, но МВР сѐ уште молчи за настанот што овој случај го прави дополнително сомнителен, имајќи предвид дека крадците имале информација дека во тој момент во сефот на подржуницата имало поголема сума на пари, и дека во наредните два дена никој нема да биде на работното место.

Подржуницата не била обезбедена, а безбедносните камери, како што дознава порталот од извори во полицијата, биле непрегледни бидејќи светлата во делот каде што снимале биле исклучени.

Вработените, но и дел од вклучените во истрагата се сомневаат дека организацијата и информацијата за тоа кога е погоден момент да се ограби подржуницата, била дадена од лица блиски до една од албанските партии на власт, пишува Република.