Крај на епидемијата на МЕРС во Јужна Кореја

Крај на епидемијата на МЕРС во Јужна Кореја
Крај на епидемијата на МЕРС во Јужна Кореја

Дефинитивно е констатирано запирање на ширењето на смртоносниот вирус МЕРС во Јужна Кореја, соопшти денеска премиерот на земјата, Хванг Кјо-ан.

36 починати од МЕРС во Јужна Кореја

Вирусот МЕРС во Јужна Кореја се појави на 20. мај, а од него инфицирани беа 186 лица, од кои 36 починаа.

Смртоносниот вирус МЕРС во Јужна Кореја предизвика паника меѓу населението, но и во регионот.

По појавата на овој вирус во земјата беа затворени градинки и училишта, а над 6.500 лица беа ставени во карантин.

Нема нов случај од 6. јули

Алармот за можно пренесување на заразата е прекинат, бидејки од 6 јули, па досега, не е забележен нов случај, а од 12 јули нема починати меѓу инфицираните.

Тоа се и правила на Светската здравствена организација, чии тимови се вклучија во акциите за спречување на ширењето на опасната болест. Болниците во Сеул од денеска работат под нормални околности, пренесува МИА.

МЕРС ги „уби“ економијата и туризмот

МЕРС предизвика и големи економски проблеми во Јужна Кореја, каде што прецизната стаистика пресметала дека во јуни БДП бил помал за 0,3 посто во однос на истиот месец лани.

Беше драстично намален и бројот на странски посетители, бидејки над 750.000 резервации, претежно од Кина и Јапнија, поради стравот од заразата беа откажани.

За да се санираат економските последици, централната банка на Јужна Кореја издвои 19 милијарди долари со кои ќе се обештетуваат компаниите чиј бизнис страдаше во изминатите 69 дена.

Северна Кореја објави дека има лек за МЕРС

Северна Кореја минатиот месец објави дека нашла лек што може да спречи и да излекува болести како што се МЕРС, ебола, САРС и СИДА.

Земјата која е мошне затворена и која е критикувана поради нејзината нуклеарна програма, не даде никакви докази за ова тврдење, па затоа голем број земји се скептични околу ова тврдење.

Официјалната севернокорејска новинска агенција КЦНА јави дека севернокорејските научници го развиле лекот Кумдаг – 2 од гинсенг и други состојки.

Вирусот прво е пренесен од камили

МЕРС беше откриен за прв пат во 2012-тата година и најчесто од него луѓето заболуваат во Саудиска Арабија. Овој вирус припаѓа на семејството коронавируси слично како обичната настинка и САРС и може да предизвика грозници, проблеми со дишењето, воспаление на белите дробови и откажување на бубрезите.

Се верува дека вирусот прво е пренесен од камили, но може да се пренесува и преку човечките флуиди.

 

 

МЕРС беше раширен во повеќе земји, а своја жртва зеде и во Германија.