Крај на Јужен тек: Русија нема да и даде гас на Европа!

Русија е присилена да се повлече од проектот Јужен тек поради неподготвеноста на ЕУ да го поддржи гасоводот. Гасот ќе биде пренасочен на други купци, истакна рускиот претседател Владимир Путин.

Оваа изјава ја потврди и шефот на Гаспром.

-Нема да има враќање на Јужен тек. Тој проект е затворен, рекол првиот човек на компанијата, Алексеј Милер.

-Веруваме дека ставот на Европската комисија е контрапродуктивен. Всушност не само што Европската комисија не беше од помош во имплементацијата на проектот, туку како што можеме да видиме, создаде препреки. Ако Европа не го сака, тогаш нема ни да биде, додал Путин.

На конференцијата за новинари која ја одржал во друштво на турскиот колега Реџеп Таип Ердоган, Путин објавил дека неговата земја во овој момент не може да продолжи со проектот за изградба на Јужен тек.

Тој истакнал дека постои можност за соработка со Турција на полето снабдување со гас, но не открил детали.

Директорот на Гаспром рекол дека овој енергетски гигант ќе изгради огромен гасовод кој ќе патува од Русија, ќе транзитира преку Турција, се до грчката граница.

Со тоа Русија ќе има пристап на јужноевропскиот пазар.

Гасоводот ќе има капацитет од 63 милијарди кубни метри. Вкупно 14 милијарди кубни метри ќе и бидат испорачани на Турција, која е втор најголем купец на Гаспром во регионот, по Германија.