Крај на лажните барања за азил врз основа на крвна одмазда

Албанската полиција формира база на податоци, преку кои ќе го следи феноменот на крвна одмазда  во земјата. Базата е формирана поради лажното претставување на илјадници албански граѓани како потенцијални жртви на крвна одмазда, при барањето азил во земјите членки на ЕУ.

Како што соопшти албанската полиција, базата на податоците ќе овозможи брз пристап до информации само за полициски цели, да се идентификуваат сите случаи на крвна одмазди кои се случиле претходно, поединци и семејства погодени со оваа појава, како и поединци и здруженија што се занимаваат со случаи на помирување.

– Оваа база на податоци ќе се користи да се спречи злоупотребата при апликациите за азил, со тоа што ќе се разменуваат полициски информации со партнери од земјите каде што албански граѓани го користат овој мотив за да побараат азил, се наведува во полциското соопштение.

Постоењето на крвната одмазда многу албански државјани го злоупотребувале за да добијат статус на азилант во земјите на ЕУ и во Велика Британија, за што многу граѓански здруженија издаваат и лажни потврди за тоа. Таквата појава е најприсутна во северниот дел на земјата.