Крајната цел – промена на Уставот и на личните документи

Во предлогот од медијаторот Метју Нимиц во спорот за името со Грција се дефинирани три фази на употреба и имплементација на финалното решение кое би го постигнале Македонија и Грција. Според дипломатски ивори до кои дојде Сител, се вели дека имплементацијата би одела во три фази. Крајна фаза е промена на Уставот и сите лични документи на граѓаните.

Во првата фаза новото име за кое што би се постигнала согласност би важело како замена на референцата ФИРОМ, онаму каде што ФИРОМ се користи во моментов. Во втората фаза, односно по членството на земјата во НАТО, Македонија би била должна да ги извести сите земји кои што ја признале под уставното име дека тоа е новото име кое што е договорено помеѓу двете земји, односно новото име би влегло во употреба буквално во сите мегународни релации на Република Македонија. Во третата фаза како што велат брифинзите името би требало да влезе и во Уставот, односно да биде и за внатрешна употреба и тогаш целосно би се имплементирало на барање на Грција за употреба erga omnes.

Македонската влада сеуште нема официјален став за овој предлог. Од таму велат дека најверојатно во текот на следната недела ќе бидат изградени позициите по однос на предлозите кои во Њу Јорк ги даде медијаторот Метју Нимиц. Очекувано е ставот на владата да го имаме пред заминувањето на Заев во Давос, каде треба да се сретне со Ципрас.

Амбасадорот на Македонија во САД и преговарач за името, Васко Наумоски вчера изјави дека ваквиот предлог не создава оптимизам. Како што вели Наумоски овој предлог не е основа за едно достоинствено решение.

Според дипломатски извори на маса се пет решенија. Се работи за Република Северна Македонија, Република Горна Македонија, Република Нова Македонија, Република Вардарска Македонија и Република Македонија (Скопје). Нимиц е оптимист дека од овие пет решенија двете страни ќе можат да пронајдат заеднички прифатливо решение. Предлог имињата се испишани на македонски јазик, односно се со македонска транскрипција. Јазикот и националната припадност исто така се испишани на македонски јазик, со македонска транскрипција без превод на англиски јазик.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.