Македонија

Крајниот рок за пријавување на огласот на Собранието е 20 јули

Крајниот рок за пријавување на огласот на Собранието е 20 јули

Собранието на Република Македонија и Комисијата за прашања на изборите и именувањата го дополнија огласот за ангажирање лица за повеќе јавни функции кои се во нивна надлежност.

Со новиот оглас, како што неодамна нагласи претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Зоран Илиоски, се бараат компетентни и високо мотивирани кандидати за позициите генерален секретар на Државната комисија за спречување на корупцијата, седум членови на Комисијата за заштита од дискриминацијата и генерален секретар на Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

– Дополнување на огласот има и во однос на доставувањето на сертификатот за положен психолошки тест и тест за интегритет за места во Дирекцијата за заштита на личните податоци, Комисијата за решавање на жалби од областа на енергетиката, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и во Комисијата за жалби по јавни набавки, рече Илиоски.

Крајниот рок за поднесување на пријавите е 20 јули. Сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивното образование и искуство, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност

– Би сакал уште еднаш да нагласам дека ваквиот оглас за пројавување на интерес не е законска обврска на Собранието, но цениме дека на овај начин им се дава можност на што поголем број на способни луѓе да аплицираат и воедно се збогатуваат принципите на демократијата, додаде Илиоски.

Тој нагласи и дека интересот за распишаниот оглас дoсега е голем, односно дека секојдневно има заинтересирани лица кои се јавуваа за огласените позиции. Интересот за овој оглас, според Илиоски, се очекува да продолжи и во наредниот период.