До крајот на 2019. треба да се исполнат условите за категоризација на млекото

До декември 2019 година сите одгледувачи на молзни крави треба да ги исполнат условите за категоризација на млекото согласно ЕУ стандардите, пренесува МИА.

Процесот што го спроведува Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), почна во втората половина на 2015 година, а опфаќа прилагодување на производството во однос на три клучни параметри: инфраструктура, хигиена (на објекти, собирање и транспорт на млеко), како и критериуми за сурово млеко (вкупен број микроогранизми и соматски клетки).

Доколку по 2019 година некои од производителите не ги исполнат бараните критериуми, не ќе може да го продаваат млекото во преработувачките капацитети, велат од Секторот за ветеринарно јавно здравство при АХВ.

Моментно, со донесените правилници, европската легислатива е целосно пренесена во Македонија. Вкупниот број микроорганизми во еден милилитар млеко на 30 степени целзиусови треба да биде до или помалку од 100.000, додека на соматски клетки до или помалку од 400.000.

Дел од производителите го задоволуваат овој стандард, а дел очекуваме тоа да го достигнат во постапката на категоризација. Одгледувачите на молзни грла се свесни дека условите мора да ги исполнат, посочуваат од АХВ.

Освен критериуми за категоризација на објектите и производството, краварските фарми треба да исполнуваат и стандарди за благосостојба на животните. Засега, одгледувачите ги задоволуваат минимум пропишаните услови: средина соодветна на видот, квалитетна храна и вода за напојување, како и хумано однесување кон животните.

Одгледувачите мора да имаат и договор со ветеринарно друштво кое ја спроведува годишната наредба за здравствена заштита на животните што подразбира испитување на бруцелоза и туберкулоза. Во однос на регистрацијата и идентификацијата, сите животни треба да се обележани, а сопственикот мора ажурно да го води фарм-регистарот и да ги запазува роковите на пријавување и движењата на животните.

Во Македонија се евидентирани преку 9.000 одгледувачи на молзни крави.