Кралот на Свазиленд го промени името на државата во Кралство еСватини

Кралот на Свазиленд, еден од неколкуте апсолутни монарси во светот денес, во четвртокот објави дека неговата земја го променила името во еСватини (eSwatini) за да ја одбележи 50-годишнината од независноста од британското колонијално владеење.

Така, отсега Швајцарија (Switzerland) може да биде спокојна, имајќи предвид дека често се сличувало во онлајн комуникациите имињата на двете земји да се помешаат.

Значејќи „замјата на Свазите“, еСватини е новото име на свази јазикот за малата нација којашто се наоѓа во копнениот дел меѓу Јужна Африка и Мозамбик.

Кралот Мсвати Трети, кој вели дека тое е нејзиното историско име, ова го објави на стадионот во вториот град во земјата Манзини на кој се обележуваше половина век од крајот на британската управа и воедно и неговиот роденден.

„Би сакал да објавам дека Свазиленд го враќа своето оригинално име. Африканските земји по добивањето на независноста ги вратија нивните древни имиња пред да бидат колонизирани. Така, отсега земјата официјално ќе биде препознавана како Кралство еСватини“, изјавил Мсвати, носејќи црвена воена униформа, пренесува агенцијата AFP.

По стекнувањето на независноста Родезија стана Зимбабве, Нијасаланд се преименуваше во Малави, а Бечуанланд стана Боцвана.

Промената на името на земјата дојде неочекувано, меѓутоа монархот веќе подолго време во јавноста го користеше и овој назив, особено кога се обраќаше пред Генералното собрание на Обединетите нации. Ваквиот предлог беше инаку разгледуван неколку години кога прашањето беше отворено во 2015 година.

За разлика од некои други земји, Свазиленд не го промени името кога стана независна држава во 1968 година, по по повеќе од шест децении како британска колонија. Ова име кованица од свази и англиски јазик предизвикуваше досега гнев кај многу жители, кои го сметаа за реликт од колонијалното минато.

Кралот, кој беше крунисан во 1986 година на 18-годишна возраст, владее преку декрети и често е критикуван поради неговиот раскошен начин на живот, наспроти големата сиромаштија во којашто тонат неговите поданици.

Мсвати Трети веќе 25 години владее со единствената африканска апсолутистичка монархија, којашто има 1,3 милиони жители а е со највисоката стапка на ХИВ во светот со 27 отсто заразени возрасни граѓани. Животниот век изнесува само 32 години, а 70 отсто од населението жиее со помалку од еден американски долар дневно.

Со уставот донесен во 2006 година забрането е делувањето на политичките партии, а само кандидатите одобрени од монархот лојални нему имаат право да се надеваат на функции. Мсвати има имунитет од прогон и право на одлучување за законите.

Се очекува дека по промената на името на земјата, ќе следи и нова промена на уставот, но засега е непознато кои би биле новините, освен промената на официјалните имиња на полициските и воените сили и тамошниот универзитет.