Македонија,Економија

Креација, едукација и забава во Kids park во Капитол Мол

Креација, едукација и забава во Kids park во Капитол Мол

Во среда, на деветти април, во 18 часот, во Капитол Мол ќе биде отворена една од најголемите и најшарените игротеки во Македонија.  Дечињата на едно место ќе можат да ја поттикнат креацијата, да ја поткренат едукацијата и да уживаат во забавата. Покрај секојдневните детски активности што ќе бидат организирани, во Детскиот центар ќе има и анимациски простор во кој што ќе се организираат роденденски и најразновидни забави за најмладите.

На близу 400 м2 дечињата ќе ја добијат својата вистинска „џунгла“ од играчки: balloon house, hamster cage, rotating mini bar, pencil swing, goal counter и многу многу други содржини за нивна проактивна занимација. Особено атрактивни во Детскиот центар се ѕидовите, на кои што се насликани најразлични животни, дел од нив и во природна големина, кои го создаваат амбиентот на вистинска џунгла.

Дел од игротеката е конципиран како огромен базен во кој дечињата ќе може да уживаат во безгрижна и, пред се, безбедна игра со безброј топчиња. Автентична атмосфера прават и специјалните палми наменети за вртење на најмладите, а на располагање им се и големи трамболини за скокање. Инаку, она што е за споменување е и адаптацијата на светлината во Центарот, на начин на кој што може да се менуваат најразлични детски сценарија, а специјалното озвучување ја зголемува магијата на детскиот свет. Дел од подот е претворен во sensory piano, односно во големо пијано кое испушта синхронизирани звуци кога се гази.

Во делот предвиден за роденденски забави има многу детски реквизити со кои може да се постигнуваат различни ефекти и дечињата вистински да уживаат во деновите што најмногу ги сакаат и цела година ги очекуваат.  Покрај инвентивната опрема во игротеката има и мини кујна, во која ќе може да се најдат омилените детски јадења.

Планирано е децата секојдневно, во определени часови, да ги анимираат и да ги забавуваат разновидни кловнови, потоа ликови од цртаните јунаци, маскоти и најразновидни други аниматори. Во едукативниот дел, планирано е да се организираат разновидни часови по музика, драма и слични проактивни детски активности, со организација на специјални претстави, перформанси, концерти…