Креираната политичка криза влијаеше на економијата

Премиерот Никола Груевски одговарајќи на пратеничко прашање денес истакна дека креираната политичка криза во изминатите месеци имала свое влијание врз економијата.

Ние се трудевме со сите сили тоа влијание да биде колку што е можно помалку, но неизбежно беше да има свое влијание, изјави денеска премиерот Никола Груевски, одговарајќи на прашање на пратеникот Влатко Ѓорчев, пренесе МИА

Инвеститори се двоумеле поради кризата

 Некои од инвеститорите ги одложија своите  одлуки па дури откако завршија одредени делови, некаде во јуни – јули, околу разговорите за надминување на кризата дури тогаш почнаа да ме информираат дека донеле одлуки за инвестирање во Македонија. Некои од нив се уште ги немаат донесено и работиме со нив, но некои веќе ги донесоа и ги објавија одлуките во јуни и во јули. Но, тоа можеше да биде во март, во февруари и ќе беше но поради состојбите одлучија да почекаат да видат што ќе се случи. Точно е и тоа дека безмалку сите роудшоуа во првата половина од годината ги одложивме, од причини што моравме да бидеме фокусирани на домашната креирана политичка криза од страна на опозицијата и да се трудиме колку што е можно побрзо таа да биде надмината, рече Груевски.

Само едно или две претставувања на бизнис потенцијалите на Македонија, според премиерот, се одржале од почетокот на годината. Министрите задолжени за инвестиции одржувале состаноци и презентации, но и тие, како што рече премиерот, биле во една непријатност бидејќи секаде прво требало да ги објаснуваат домашните кризни состојби, а потоа да прејдат на економскиот дел и на предностите што Македонија ги нуди за странските инвеститори.

Најголемите напори беа концентрирани таа криза да се надмине што е можно порано затоа што тоа, пак, ќе ни ослободи простор за привлекување инвеститори и ќе ни влее повеќе доверба во политичката стабилност во Република Македонија, рече Груевски, истакнувајќи дека продолжуваат напорите за привлекување странски инвестиции и во иднина, кои, сепак, даваат сериозни резултати.

И покрај кризата, американската компанија „Леар“, рече тој, веќе објави дека во полошкиот регион, најпрвин со браунфилд инвестиција во Гостивар, а потоа и со гринфилд инвестиција во Тетово ќе вработи до 3.000 луѓе. – Тоа е многу сериозно особено што оваа бројка се однесува на директни вработувања, а дополнителни се индиректните вработувања, изјави Груевски. Ова е една најголемите компании што влегува во Македонија, според број на вработени.

Посочи на „Кондело“ од Италија, на ОДВ Електрик во зоната на Струга – Охрид, на градењето нов капацитет во Пробиштип…

Во фаза сме на договарање со уште неколку значајни компании. Во наредните неколку месеци очекуваме да ги објават своите одлуки. Некои од нив веќе градат. Тие не се само одлична можност за вработување туку и одлична можност за соработка на домашните компании со нив кои би можеле да станат нивни добавувачи, рече Груевски.

За таа цел е организиран голем состанок помеѓу претставниците на странските компании и домашните кои имаат потенцијал да станат нивни партнери, а веќе од оваа есен е планиран проект за правење дополнителни напори за поврзување на странските со домашните компании. Груевски смета дека домашните компании би можеле да произведуваат одредени делови кои тие ги купуваат од надвор од компании од други држави.

– Тоа ќе биде подолгорочен проект, рече премиерот.

Премиерот Груевски смета дека хајката на опозицијата против странските инвестиции е „крик на немоќ“.

 Зошто кога тие го имаа мнозинството од граѓаните немаше ниту една гринфилд инвестиција во Македонија, а сега ги има во поголем број, рече премиерот Груевски.

Прашања постави и пратеничката од ДОМ, на која писмено ќе и биде одговорено. Првото прашање беше за законот за зеленило, а второто се однесуваше на влијанието врз здравјето на луѓето во Пробиштип и околината од страна на новата топилница.

Секоја тешка индустрија е загадувачка, не може да биде зелена. Нема зелена технологија за малку пари, рече Поповска, која смета дека на Македонија воопшто не и треба тешка индустрија.

Претходно пратеникот од ДПА Ернад Фејзулаху, кој не постави директно прашање до ниту еден од претставниците на Владата, обвини дека Тетово е загадено и има недостиг на вода.

.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.