Креирање на 2.000 нови работни места преку програма за зголемување на пазарната работливост

Креирање на над 2.000 нови работни места и зголемување на приходот за 1,5 милиони евра на повеќе од 1.000 мали и средни претпријатија. Ова се очекува да биде постигнато во наредните 4 години со имплементација на програма за зголемување на пазарната работливост, на Швајцарската агенција за развој и соработка.

За примена на програмата денеска беше потпишан меморандум за разбирање за заемна соработка меѓу Швајцарија и Македонија. Меморандумот го потпиша вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски и амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија Катарина Штокер.

Програмата за зголемување на пазарната вработливост се однесува на 5 потсектори во економијата

Првата фаза од програмата зголемување на пазарната работливост е со буџет од 6,25 милиони швајцарски франци и ќе трае до 1-ви април 2019 година. Програмата е фокусирана на обезбедување на системски промени кои ќе овозможат пристојни вработувања или самовработувања и повисоки примања пред се за младите.

Со имплементирање на програмата во период од 4 години се очекува да се создадат повеќе од 2.000 директни или индиректни работни места и да се зголеми приходот на повеќе од 1.000 мали и средни претпријатија за 1,5 милиони евра.

Програмата за зголемување на пазарната вработливост се однесува на 5 потсектори во економијата: туризам, ИТ сектор, дизајн на производи, органско земјоделство и енергетски ефикасно градежништво. Во соработка со приватниот сектор ќе се работи на подобрување на можностите за зголемен пристап до меѓународните, регионалните и домашните пазари, на развој на производи, пристап до финансии и квалификувана работна сила со цел да се обезбеди раст на претпријатијата.

Владата на Р. Македонија во континуитет спроведува програми и политики за отворање на нови работни места, подобрување на условите за вработување, зголемување на можностите за вработување на младите лица, долгорочно невработените, како и за социјално ранливите категории. Тоа го правиме пред се преку унапредување на деловното опкружување и развој на приватниот сектор, но и привлекување странски инвеститори, олеснување на пристапот до финансии за започнување сопствен бизнис или проширување на постоечка компанија, истакна Пешевски.

Проектот се надополнува со економските програми на владата

Вицепремиерот посочи дека проектот за зголемување на пазарната вработливост, со својата методологија за системски развој на пазарот, се надополнува со економските програми на Владата кои се насочени кон зголемување на економскиот раст и вработувањето, внесувањето на иновации, забрзан технолошки развој и подобрување на конкурентноста на македонските компании.

Со реализацијата на проектот се очекува создавање на повеќе од 2000 нови работни места и зголемување н приходот на повеќе од 1000 мали и средни компании за 1,5 милиони евра. Особен фокус , како и во други мерки кои ги спроведува Владата, ќе биде поставен на подобрување на можностите за вработување на младите лица и жените, додаде Пешевски.

Амбасадорката на Швајцарија Штокер истакна дека Швајцарија ја поддржува Македонија уште од 90 години од минатиот век.

„Зголемување на пазарната работливост“ е еден наш клучен проект што се наоѓа во економската област кој што почна од неодамна и нашата цел е да подржиме создавањето на нови 2000 работни места во текот на следните 4 години и да поддржиме околу 1000 мали и средни претпријатија за зголемување на нивните приходи од околу 1,2 милиони евра, рече Штокер.

Таа посочи дека Швајцарија има и други проекти од економскиот сектор, вкупно се 16 на број и тие поддржуваат зголемување на приходи, креирање на работни места и поддршка на пазарот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.