Крејмер: Македонија има потенцијал да биде една од најсилните економски средини во Европа

За 10 години Македонија има потенцијал да биде една од најсилните и најживите економски средини во Европа. Ова го потенцира Хери Крејмер, најпопуларниот професор по лидерство и менаџмент во бизнис школата „Келог“, во интервју за „Бизнис 365“ на МРТ.

Професорот Крејмер беше еден од главните говорници на Македонскиот економски самит во организација на „Македонија 2025“.

Кои се вашите впечатоци и која е главната порака што ја испративте на овој настан?

Мојот фокус на самитов беше да зборувам за тоа дека на светот му требаат повеќе лидери базирани на вредности, а гледајќи ја насоката на „Македонија 2025“, прашањето е што е потребно да се развијат подобри лидери. Лидерството не е дестинација, туку патување и луѓето можат да бидат подобри секој ден.

Како се станува успешен лидер?

Се фокусирам на четири принципи: како подобро да се осознаете, да одвоите време да се водите себеси, како да развиете поурамнотежена перспектива за да ги разберете сите страни на проблемот, развивање на вистинска самодоверба за да знаете за што ве бива, а за што не и да се опколите со луѓе што се подобри од вас бидејќи не можете се сами и да бидете способни да сфатите дека секој човек е битен, секој човек во тимот. Формирајќи ги овие принципи, почнувате да се водите себеси, а ако можете да се водите себеси, подготвени сте да водите и други.

Како гледате на македонската економија и на нејзиниот раст и развој?

Во македонската економија има многу енергични луѓе, постои ентузијазам за пробив, да станете многу подобро развиен економски мотор, а за да го направите тоа, лидерството мора да има голем удел.

Каде ја гледате македонската економија за 10 години?

За 10 години Македонија има потенцијал да биде една од најсилните и најживите економски средини во Европа.