Кремите за сончање можат да предизвикаат недостиг од витаминот Д

Кремите за сончање се клучни за заштитата на кожата од рак, меѓутоа ново истражување сугерира дека можат да предизвикаат и недостиг од витамин Д, се наведува во студијата објавена во научното списание The Journal of the American Osteopathic Association.

Витаминот Д е важен за здравјето на коските, бидејќи го помага апсорбирањето на калциумот. Помага и во функционирањето на нервите и мускулите, како и во јакнењето на имунолошкиот систем. Недостигот од овој витамин може да доведе до намалување на густината на коските, а тоа последично го зголемува ризикот од скршеници и остеопороза.

Иако некои прехранбени продукти природно содржат витамин Д, како што се рибата или говедскиот црн дроб, главно станува збор за мали количества. Далеку најдобар извор на витаминот Д е изложеноста на сончевите зраци. Тие продираат низ кожата и формата на холестеролот (7-дехидрохолестерол) ја претвораат во активен облик на витаминот Д-3.

Тимот научници од калифорнискиот универзитет предводен од Ким Фотенхауер ги проучувале постојните клинички студии за недостигот од витаминот Д и заклучиле дека кремите за сончање со фактор 15 или повисок, може да го намалат производството на витаминот Д за дури 99 отсто.

Поради тоа препорачуваат двапати седмично по половина час да се минува на сонце, но без нанесувње заштитни креми на кожата. Таквото количество изложеност на сончевите зраци нема да го зголеми ризикот од појава на рак на кожата, а во организмот ќе го задржат оптималното количество витамин Д.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.