Кремљ ја оцени како „империјалистичка“ новата стратегија на САД

Русија не може да се согласи со американската оцена дека претставува закана за САД, изјави во вторникот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, откако американската администрација на претседателот Доналд Трамп ја објави новата Стратегија за национална безбедност, а истовремено реагираше и Кина преку своето министерство за надворешни работи.

Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков вели дека новата стратегија на Белата куќа има обележја на империјализам и покажува недостиг од волја за отстапување од унилатерализмот. Меѓутоа, додава, новата стратегија треба внимателно да биде проучена.

Според стратегијата за американската национална безбедност, којашто ја објави во понеделникот ноќта Белата куќа а ја престави претседателот Доналд Трамп, се смета дека Кина и Русија се конкуренти коишто сакаат да ја оспорат американската превласт и да ги поткопаат американската безбедност и просперитетот, и Кина и Русија во оваа стратегија се опишани како „ревизионистички сили“ кои сакаат измена на меѓународниот поредок во кој доминираат „вредностите на САД“.

„Притоа е упорна неподготвеноста, отфрлањето на мултиполарниот свет“, изјави Песков за новинарите во Москва.

Истовремено Песков истакна дека во стратегијата се забележуваат „скромни позитивни моменти“, како подготвеност за соработка со Русија, доколку тоа е во интерес на Американците. Тоа, додава портпаролот на Кремљ, се совпаѓа со рускиот пристап.

„Москва, исто така, бара соработка со САД онаму каде што тоа ќе ни донесе полза, и во што се подготвени да соработуваат нашите американски колеги“, додаде Песков.

Во врска со тоа Песков потсети на помошта од САД за спречување на терористички напади во Санкт Петербург неодамна. Според него, тоа претставува „идеален пример“ за соработка. Станува збор за размена на информации по линија на специјалните служби „којашто реално помогна да се спасат многу животи“, заклучи портпаролот на рускиот претседател.

Сепак, Кремљ не може да се согласи со ставот на Вашингтон за заканата што наводно за САД ја претставува Русија.

Песков додаде дека американската Стратегија за национална безбедност е обемен документ во кој има „доста импресивни“ формулации. Тој треба внимателно да биде проучен и разгледан од соодветните агенции кои се занимаваат со него.

Кинеското министерство за надворешни работи објави во вторникот дека САД треба да се откажат од својот менталитет на Студената војна.

„Ги повикуваме САД да прекинат со стратегијата на намерното искривено толкување на Кина и да ги отфрлат застарените концепти на студеновоеното размислување… Во спротивно ќе си наштетат и себеси и на другите“, изјави портпаролот на кинеската дипломатија, Хуа Чунјуинг повикувајќи го Вашингтон да се најде со Пекинг „на половина пат“.