Кремљ очекува дека средбата на Путин со Трамп ќе овозможи ефикасен работен дијалог

Русија се надева дека првиот директен состанок меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Доналд Трамп кон крајот на седмицата во Хамбург, ќе овозможи ефикасен работен дијалог меѓу двајцата челници, соопшти во средата Кремљ.

Средбата, којашто треба да се одржи на маргините од самите на Г20 во Хабург во петок, предизвика голем интерес на светската јавност во моментите кога односите и врските меѓу двете суперсили продолжуваат да бидат напнати, во прв ред поради некои тврдења во Вашингтон за наводното руско мешање во ланските претседателски избори во САД, наводните врски на сегашниот американски претседател Доналд Трамп со соработници во Москва, и ситуациите во Сирија и во Украина.

„Ова е прв состанок, првпат ќе се сретнат двајцата претседатели и тоа е она што е најзначајното“, изјави на прес-конференцијата портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Очекуваме воспоставување работен дијалог, кои е од витална важност за целиот свет, особено имајќи предвид дека е потребно да се зајакне ефикасноста во решавањето на големиот број судири во светот“, истакна Песков.

На состанокот ќе се утврди дали има шанси и постои ли подготвеност кај двете земји со заеднички сили да почнат да се борат против тероризмот во Сирија, додаде Песков, наведувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ќе го изнесе ставот на Москва за судирите во двете жаришта во Сирија и во Украина.

Меѓутоа, портпаролот на рускиот челник предупреди дека предвиденото кусо време за средбата може да укажува на тоа дека Путин нема да има доволно време за целосна анализа на причините за украинската криза од позиции на Москва.
Состанокот со Трамп претставува „добра можност да се повтори рускиот став според кој договорот од Минск нема алтернативи, дека тој мора да се применува, како и дека мора да се преземат мерки коишто ќе ги оневозможат постојаните провокации од украинските воени сили“, порача Песков.