Крим продолжува со подготовките за отцепување од Украина

Парламентот на Крим усвои декларација за независност на републиката, што е неопходна за спроведување на референдумот.

„Овој документ е потребен за спроведување на референдумот и евентуалното влегување на Крим во составот на Руската Федерација“ изјавиле добро упатени анонимни извори.

Во Симферопол започна печатењето на гласачките ливчиња за претстојниот референдум за статусот на Крим. Ова го соопшти претседателот на комисијата за организирање на референдумот Михаил Малишево. Според неговите информации за референдумот ќе се испечатат 1,55 милиони гласачки ливчиња. Во Крим според официјални податоци беа регистрирани 1.534.000 гласачи. Референдумот за статусот на полуостровот ќе се одржи на 16 март.

Во меѓувреме, во вторникот беше лансиран Народниот интернет – портал, „Крим заедно“. Целта на проектот, што е организиран од страна на волонтери во автономната република, е објективното информирање на населението со објективни информации. Секој кој сака може да испечати и да дистрибуира материјали од сајтот.

Претседателот на Врховната рада на Украина и в.д. претседател Александар Турчинов изјави дека е неопходно создавање на Национална гарда за заштита на населението.

„Создавањето на базата на внатрешните војски на Национална гарда има за цел заштита на земјата и граѓаните од сите криминалци, од внатрешна и надворешна агресија“, рече Турчинов.

Новата влада на Украина ќе ја добие првата транша од Меѓународниот монетарен фонд не порано од април оваа година.

„Во моментов течат интензивни преговори со мисија на Фондот, а во исто време се спроведува владината програма за намалување на трошоците“, рекол министерот за финансии на земјата Александар Шлапак.

Украинските војници во Крим се чувствуваат напуштени на самоволието на судбината, бидејќи не добиваат јасни наредби од Киев како да дејствуваат во услови на руска окупација.

„Окупирај сме од Русија, а сегашната власт во Киев не прави ништо“, раскажува зачудено еден од војниците .

Во исто време од Брисел го објавија својот официјален став. Според нив референдумот во Крим ја загрозува безбедноста на целата Европска унија, бидејќи може да предизвика сепаратизам во други региони на Европа. За да се спречи оваа закана, ЕУ е подготвена на економски жртви, што можат да провоцираат санкции против Русија.

„Ако Москва продолжи да ескалира во Крим , ЕУ не само што ќе ги замрзне сметките и поништи визите на некои Руси, туку може и да ги замрзне економските и политичките односи со Русија“, велат од Брисел.

Европскиот комесар за проширување и европска политика за соседството Штефан Филе, рече дека договорот за асоцијација не е крајната цел на соработката меѓу ЕУ и Украина .

Филе додаде пред Европскиот парламент во Стразбур, дека некои партнери на ЕУ, меѓу кои и Украина, во рамките на источната политика за соседството ги определиле точно своите европски цели за интеграција.

„Чекавме премногу долго за тоа како ќе се одразиситуацијата и како да одговориме. На неодамнешната седница на министрите за надворешни работи на земјите од ЕУ, за време на дискусиите за Украина беше донесена одлука договорот за асоцијација да не биде крајната цел на соработката на Украина и ЕУ“, рече Филе .

Министерот за надворешни работи на Франција, Лорен Фабиус изјавил дека санкциите на ЕУ против Русија можат да влезат во сила уште оваа недела. Министерот појаснил дека станува збор за „замрзнување на имотот и поништување на визи на руски и украински државјани“. Фабиус дополнил дека мерките може да бидат одложени ако „Москва покаже стремеж кон нормализирање на ситуацијата во Украина“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.