Балкан

Криминални почетоци: Дарко Шариќ крадел салама и еурокрем!

Криминални почетоци: Дарко Шариќ крадел салама и еурокрем!

Дарко Шариќ во полициските записи за прв пат „влегол“ на 22 мај 1991 година, кога со свој сограѓанин од продавница, помеѓу другото украл и чајни кобасици, суџук, салама, еурокрем, но и повеќе од 350 штеки цигари.

Во Пљевља, родното место на Шариќ, малкумина се сеќаваат на неговите почетоци во светот на криминалот.

Во полициските записи, Дарко на 22 мај 1991 година, на полноќ влегол во продавницата „Пољопромет“ и со својот „колега“, сограѓанинот Д.П. украл 11 килограми чајни кобасици и суџук, 7,30 килограми сланина, како и 2,6 килограми суви ребра.

Продавницата била „олеснета“ и за 3,10 килограми сланина, 9,5 килограми печурки, два сервиси за кафе, 21 кутија еурокрем…

Двајцата „соработници“ украле и 350 штеки цигари и уште многу други производи од продавницата, но и 550 динари, се наведува во пресудата од јули 1992 година, што ја потпишал судијата Драган Перуничиќ.

Шариќ е осуден за оваа кражба, но и за недозволено носење на оружје, како и за нанесување на тешки телесни повреди. Но никогаш не е осуден за шверц на цигари, иако во неговото родно место тврдат дека се занимавал со тоа за време на санкциите, пренесува српски „Телеграф“.

Во сериозниот свет на криминалот, на голема врата зачекорил со спектакуларниот грабеж на семејната куќа на кројачот Драган Кнежевиќ, на 11 септември 1993 година, во селото Шумане, недалеку од неговото родно место. Тогаш била украдена целата заштеда на Кнежевиќ во вредност од 72.000 тогашни марки и повеќе од еден килограм златен накит.

Магазинот „Форбс“ во јуни минатата година објави листа на најбогати шефови на подземјето во светот, а Дарко Шариќ се нашол на високото петто место.

Шариќ е уапсен на 18 март во заедничката акција на државните органи на Србија и Црна Гора.