Кристијано Роналдо е добитник на признанието “Златна топка”

Синоќа беше одржана свечената церемонија на која беа доделени фудбалските Оскари.

Добитник на наградата “Златна топка” е фудбалерот на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо, кој наградата за најдобар фудбалер на светот ја освојува втор пат едноподруго. Тој и претходно беше добитник на ова признание, откако во 2008-та година за прв пат се закити со титулата “најдобар фудбалер на планетата”.

Во годината која измина Роналдо го предводеше својот клуб до десеттата европска титула во клупската историја, а во 2014-та беше најефикасен во сите пет најдобри европски лиги со своите вкупно 56 погодоци.

Португалецот ја совлада конкуренцијата составена од Лионел Меси и Мануел Ноер кои останаа далеку зад Роналдо според бројот на освоени гласови. Суперстарот на Реал доби 37,66 % од гласовите што е повеќе од Меси (15,76 %) и Ноер (15,72 %) заедно.

“Зад мене е одлична година, а желба ми е оваа да биде уште поубава и поуспешна. Моја желба е да станам еден од најдобрите фудбалери на сите времиња”
– рече Роналдо.

Тој се најде во идеалните 11 за 2014-та во која покрај за другите двајца финалисти, Меси и Ноер, имаше место уште и за Серхио Рамос, Давид Луиз, Тиаго Силва, Филип Лам, Андрес Иниеста, Тони Крос, Анхeл Ди Марија и Арјен Робен.

Да додадеме уште дека за најдобра фудбалерка на светот за 2014-та година е избрана Надин Кеслер од Германија.

Во Цирих на свечената церемонија беа прогласени и најдобрите тренери за 2014-та година. Тие доаѓаат од Германија, станува збор за Јоаким Лев во машка и Ралф Келерман во женска конкуренција. Лев доби 36,23 % од гласовите пред неговите најголеми конкуренти, Карло Анчелоти (22,06 %) и Диего Симеоне (19,02 %).

Наградата “Ференц Пушкаш” за најдобар постигнат гол во 2014-та година ја доби Колумбиецот Џејмс Родригез. Членот на Реал Мадрид ја доби оваа награда благодарение на неговиот спектакуларен погодок на Светското првенство на натпреварот против Уругвај.