Македонија

Кривичен суд: Судот не ја одолговлекува постапката за „Пуч“

Кривичен суд: Судот не ја одолговлекува постапката за „Пуч“

Основниот суд Скопје 1-Скопје во денешното соопштение во врска со случајот „Пуч“ наведува дека Судот ниту одолговлекува, ниту избегнува, ниту бега да ја утврди правдата и дека основна уставна и законска обврска на Судот е токму извршувањето на таа функција, а причините за досегашно одлагање на оваа постапка, како што се додава, се познати на јавноста.

Нејасна и тенденциозна е изјавата во јавноста дека Судот е тој што ја опструира работата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), при што јавно се прозива Кривичниот суд како законски единствен стварно и месно надлежен суд дека не поседува сертификат за пристап до класифицирани информации наспроти странките, со што јавно се девалвира и навредува улогата и позицијата на Судот и судиите во постапката, а со политички говор се издигнува улогата на СЈО, се  истакнува во соопштението од Кривичниот суд.

Појаснуваат дека во конкретната ситуација не е спорно дали некој има или нема сертификат да врши увид и да работи со списите на предметот во кој има класифицирани информации и оти ова за Судот е расчистено прашање.

На СЈО, како што е посочено, му е дозволен непречен увид во секое време во сите списи на предметот.

Замената на тезите дека некој има сертификат или нема не содејствува со барањата на СЈО, Судот не може спротивно и со повреди на Законот за класифицирани информации да се претвори во фотокопирница и копира класифицирани списи и докази, за што нема такво овластување, а кое нешто го појаснивме во нашето вчерашно соопштение, стои во соопштението.

Од Кривичниот суд ги повикуваат обвинетите лица да не ја злоупотребуваат постапката за политички говори како директен напад и непочитување на институцијата суд и на овој начин да вршат притисок врз работењето на судот.