Кривична пријава за гинекологот кој барал поткуп за да изврши породување со царски рез

Кривична пријава заработија две лица од Скопје вработени во Гинеколошко акушерка Клиника поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело – „примање поткуп“.

Како што соопшти МВР, станува збор за П.Љ. (59), вработен како доктор, а второто лице е М.К. (54)  вработен како биолог.

Пријавените завчера  директно побарале пари за себе од оштетениот Д.К. од Свети Николе, за извршување службено дејствие што морало да биде извршено, односно породување на сопругата на оштетениот со царски рез при што имале намера да се стекнат со противправна имотна корист во висина од 19.800 денари.

Според документираните сознанија од истрагата завчера поради критична бременост сопругата на оштетениот била примена на преглед во ГАК- Скопје. Поради проблематичната бременост оштетениот побарал помош од свој познаник вработен во Медицинскиот факултет во Скопје со цел безбедно породување на сопругата. На тој начин оштетениот бил поврзан со второпријавениот со кого остварил контакт објаснувајќи ја задравствената состојба на сопругата. По ова М.К. ги однел сопругата на оштетениот и оштетениот на преглед кај првопријавениот П.Љ. и по извршениот преглед пациентката била хоспитализирана.

Набргу потоа оштетениот бил телефонски побаран од М.К. при што му било кажано да дојде на клиниката за да се види со П.Љ. којшто требало да ја породи неговата сопруга, наедно барајќи од него да даде одредени парични средства доколку сака неговата сопруга да ја породи првопријавениот со царски рез. Откако се сретнале му било кажано од страна на П.Љ. дека тој е оној што одлучува дали неговата сопруга ќе се породи со царски рез или не. Истиот ден по барање на М.К. повторно се сретнале оштетениот и првопријавениот П.Љ.  при што двајцата пријавени му побарале сума од 19.800 денари доколку сака неговата сопруга да биде породена со царски рез, а истовремено му бил покажан и ценовник за услуги за дополнителна дејност.

По ова оштетениот за новонастанатата состојба пријавил во Министерството за здравство, каде што по примањето на информациите во врска со овој случај од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат направен е инспекциски надзор во ПЗУ ЈУ за ГАК Скопје за што е сочинет и Записник од извршен инспекциски надзор, а истовремено случајот е пријавен и во полиција.