Кривична пријава за кратовци кои противправно одгледувале крупен дивеч

Претседателот на „Здружение Буковац“-Кратово С.Ј.(50) од Кратово, техничкиот секретар-ловник С.С.(37) од с.Злетово, и секретарот и член на Управен одбор З.М.(39) од Кратово,  заработија кривични пријави за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба“ и „мачење животни“ во врска со „соизвршителство“.

Првите двајца пријавени добија кривични пријави за кривично дело „повреда на рамноправноста на граѓаните“, додека првите тројца пријавени, како и С.С.(70), претседател и Надзорен одбор во правното лице „Здружение буковац“ и Д.А.(49) и Н. М., членови на надзорен одбор,  за уште едно кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Како што соопштуваат од МВР, во периодот од 05.11.2013 до 27.08.2014 година од правното лице „Сурда Вахо“ ДООЕЛ-с.Оморани-општина Чашка пријавените без правосилна писмена одлука купиле шест грла крупен дивеч (елени лопатари) и од сметката на правното лице „Здружение Буковац“-Кратово неосновано исплатиле 186.960 денари.

По ова, дивечот го однеле во с.Живалево, кратовско каде го сместиле во затворен објект на Т.А. кој не поседувал соодветна дозвола за одгледување на ваков вид на дивеч и противправно го одгледувале и го држеле во заробеништво, изложувајќи го дивечот на непотребни маки заради размножување. Исто така, пријавените во текот на јули 2014 година спротивно на статутот на Здружението „Буковац“-Кратово на одржано редовно собрание за избор на органи и тела на правното лице, противправно носеле одлуки  ограничувајќи им ги правата на останатите членови од одборот.

Прво и второпријавениот во периодот од мај 2010 до јули 2014 година без правосилни одлуки вршеле бесправна набавка на материјални средства и користење други услуги за кои од сметката на Здружението „Буковац“ исплаќале финансиски средства на штета на здружението, што дополнително ќе биде утврдена од страна на Бирото за судски вештачења.