Кривична пријава за макро во Тетово

Шеесет и пет годишниот М.А. од Тетово заработи кривична пријава поради основи на сомнение дека сторил две кривични дела: „посредување во вршење проституција“ и „помагање на странец при незаконит престој“.

Пријавениот е осомничен дека со намера да се стекне со заработувачка, во неговиот угостителски објект „АББА“ во Тетово, подолго време на други лица им овозможувал користење сексуални услуги од две албански државјанки на возраст од 27 и 28 години. Пријавениот исто така се сомничи дека им помогнал на странските државјанки и незаконски да престојуваат на територијата на Република Македонија а исто така и нелегално да работат.

Двете албански државјанки на пријавениот, за секој клиент му плаќале по 1000 денари (700 за користење на соба и 300 за нарачаниот коктел). Двете албански државјанки во споментиот угостителски објект работеле од средината на ноември минатата година, кога со осомничениот се договориле за сите поединости околу нивниот престој и секојдневното давање сексуални услуги во период од 18 до 01 часот по полноќ.

На 10-ти овој месец, при заедничка контрола на Министерството за внатрешни работи, Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат, двете албански државјанки затекнати се во угостителскиот објект „АББА“, потоа приведени и задржани се во СВР Тетово, а  по завршените разговори со нив во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија, предадени се во Прифатниот центар во Скопје.

На осомничениот судија во претходна постапка на Основиот суд Тетово му определи мерка притвор во траење од осум дена.