Кривична пријава за поранешен директор на ХЕС „Шпиље“

Кривична пријава е поднесена против Љ.А.(67) од Дебар поранешен директор на ХЕС ,,Шпиле“ – Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „несовесно работење во службата“ .

Исто така кривични пријави се поднесени и против М.С. (70) и Ф.К. (57), поранешен и сегашен магационер во хидроцентралата, двајцата од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело„затајување“.

Како што соопштуваат од МВР,  поранешниот директор иако знаел дека со пописот од 31.12.2008 година, по книговодствената вредност бил констатиран кусок на материјали во износ од 206.049,оо денари, а се однесува за 5.834 метра електро кабел, не преземал дејствија за откривање на одговорните лица, односно дозволил пописната комисија да бара од Централната пописна комисија кусокот да се расходува и отпишува од евиденција иако знаел дека тоа не е можно бидејќи се расходуваат само оштетените и неупотебливите предмети.

Второпријавениот како магационер до 2008 година и трето пријавениот како сегашен магационер, иако знаеле  дека во магацинот  утврден е  кусок на електро материjали од страна на пописната комисија, сепак двајцата не извршиле примо-предавање на материјалите  со реален попис туку кусокот бил прикриен и пренесен и во наредните години давајќи им ги на пописните комисии старите пописни листи од кои тие само препишувале состојби.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.