Кривична за екс-директорот на „Водовод“ – компензирал сметки за ручеци

Наместо да ги наплаќа неплатените сметки од неколку кафеани во Куманово, поранешниот директор на општинското Јавно претпријатие „Водовод“ ги компензирал за ручеци и седенки. Поради ваквото свое работење, триесет и осумгодишниот В.Б., според полицијата, го оштетил претпријатие за повеќе од шест милиони денари.

Полицијата информирајќи дека поднела кривична пријава против В.Б. за злоупотреба на службената положба соопштува дека тој во периодот од 2010 до 2012 година во пет кафеани во Куманово на кои им биле испратени сметки за вода, геодезија и проектански услуги не ги наплатувал побарувачките туку ги компензирал со ручеци и седенки со свои пријатели.

„Исто така и во еден угостителски објект кој не е корисник на градската водоводна мрежа и не е регистриран во ЈП ’Водовод’ Куманово како потрошувач на вода, пријавениот користел угостителски услуги на име на ЈП ’Водовод’. Со горенаведените дејствија пријавениот го задолжил претпријатието во вкупен износ од 6.030.469 денари“, се вели во информацијата од полицијата.

Полицијата и претходно има поднесувано пријави за Б.В. поради истото кривично дело.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.