Кривична за крадци кои „оперирале“ низ Чаир

Кривична пријава е поднесена против лицата А.Ј.(18) од Скопје и М.К.(19) од Куманово поради основано сомнение дека  извршиле пет тешки кражби во куќи, за што од страна на судија во претходна постапка на А.Ј. му е одредена мерка притвор во траење од осум дена. М.К. во моментот е недостапен на органите на прогонот.

Кривичните дела пријавените ги извршиле во временскиот период од 16.11.2014 до 02.12.2014 година, претежно во попладневните и вечерните часови кога сопствениците не биле присутни во своите домови. Во три случаи со помош на подесен алат и физичка сила пријавените ги отворале влезните и балконските врати, а во два случаи со погоден предмет насилно делувале помеѓу крилото и касата на прозорец, по што влегувале во куќите, и по извршено претурање и пребарување одземале разни видови на вредни предмети како што се: компјутери, златен и сребрен накит, бижутерија, часовници, пари, гарнитура со алати како и еден сигнален пиштол марка „Екол“, стекнувајќи се со противправна имотна корист од околу  376.200  денари.

Дел од противправно одземените предмети пријавените ги чувале во стан во Скопје каде привремено престојувал првопријавениот, додека пак друг дел од предметите (златен накит), со пониски цени, го продале во златарски дуќан лоциран во Старата Скопска чаршија, а  добиените пари од продажбата на истиот ги потрошиле за свои потреби (купување дрога, алхохол, гардероба и трошоци за такси услуги).

На 05.12.2014 година врз основа на добиена судска наредба извршен е претрес во станот каде престојувал првопријавениот при што пронајдени и одземени се сигнален пиштол, накит, кутии за накит, рачни часовници, мобилни телефонски апарати и други предмети. По превземени мерки и активности од страна на СВР Скопје, на 10.12.2014 година, пронајден е и приведен пријавениот А.Ј. кој во службен разговор во целост ги појасни локациите и начинот на извршување на наведените кривични дела како и златарата каде се продадени предметите. Од друга страна, во просториите на ПС ОН „Чаир“ од страна на оштетените извршено е препознавање на пронајдените и одземени предмети и истите со потврда  им се вратени.

Пријавените лица се регистрирани сторители на  кривични  дела од областа на имотните деликти при што, против А.Ј. во периодот од 2010-2014 година поднесени се 10 кривични пријави  за “кражби” и “тешки кражби”, а против М.К. во периодот од 2010-2014 година, од страна на СВР Скопје поднесени се 15 кривични пријави за “тешки кражби”.