Кривична за крадци од Скопје

Дваесет и едногодишниот Н.И. и деветнаесетгодишниот С.Д. добија кривична пријава поради сомнение дека извршиле четири кражби.

Тие од кражбите се стекнале со противправна имотна корист од околу 198.000 денари.

Од страна на судија на Н.И. одредена му е мерка притвор во траење од осум дена, а додека на С.Д. изречена и е мерка задолжително јавување во суд секој понеделник.

Горепријавените, кривичните дела ги извршиле во периодот  од јануари до март годинава, и тоа по едно кривично дело  на подрачје на Центар и  Карпош и две кривични дела на подрачје на Чаир и тоа во вечерните часови, при што предмет на кражби биле неколку куќи и една продавница –бутик.

При извршувањето на кривичните дела горепријавените претурале и пребарувале во објектите при што одземале мобилни телефони, часовници, златен и сребрен накит, телевизор, лап-топ компјутер, паричник со документи, како и поголема количина на гардероба од продавницата. Дел од украдените предмети Н.И. ги продал на него познати лица, а додека останатите ги продал во населба Шуто Оризари и на дивиот пазар на Кале на непознати лица. Дел од пронајдените предмети се одземени и вратени на оштетените.

Според крим евиденцијата на МВР против  Н.И. поднесени се 16 кривични пријави за извршени кривични дела од областа на имотните деликти и кривични дела против јавниот ред и мир, а против С.Д. поднесени се 34 кривични пријави сите од областа на имотните деликти.