Кривична за сендвичарниците „Стефани-А“ и „Жу-Жу бургер“

Покрај парична казна од пет илјади евра во денарска противвредност за правното и 500 евра за одговорното лице,  двете сендвичарници, „Стефани-А“ во Драчево и „Жу-Жу бургер“ во Центар ќе добијат и кривични пријави.

„Жу-Жу бургер“, ќе добие две кривични пријави – една за пуштање во промет на штетни прехранбени продукти, а другата затоа што ја отстранила лентата за забрана за работа од Државниот здравствен и санитарен иснпекторат и наместо тоа ставила знак „Објектот се реновира“.

Сендвичарницата ќе добие и прекршочна пријава, бидејќи не извршила здравствени превентивни прегледи на вработените и не спровела дезинфекција и дератизација на објектот.

Кривична пријава ќе добие и сендвичарницата „Стефани-А“ во Драчево, од која 50-тина лица добија труење со храна.

Лабораториски испитувања на мостри од храна и брисеви од работните површини од сендвичарата во скопската населба Драчево покажаа присуство на колиформни бактерии и присуство на бактеријата стрептококус фекалис во една мостра. Сето ова укажува на нехигиена во објектот и несоодветна манипулација со храната, посочија од АХВ.

Во  мострите од храна и работните површини од сендвичарниците на Жу-Жу  исто така се најдени колиформни бактерии.

Објектите се времено затворени и нема да добијат дозвола за работа се додека не ги исполнат безбедносните критериуми потврдени со лабораториски анализи.