Кривична за сторителот на двојното убиство во Чаир

Педесет и тригодишниот Тахири Шукри доби кривична пријава за двојното убиство што го изврши пред прагот на семејната куќа во скопската населба Чаир, убивајќи татко и син, информираат од Министерството за внатрешни работи.

На двојното убиство му претходела банална вербална расправија, претходниот  ден, па затоа таткото и синот дошле преку неговата куќа за да го разрешат меѓусебното недоразбирање.

Синот Мустафа А. заедно со татко му, Алаедин А, дошле на улицата Рифат Бурчевиќ, пред куќата на Тахири Шукри за да го разрешат недоразбирањето од претходниот ден. Прво почнале да викаат по него, а потоа почнале да тропаат на портата, а кога пријавениот видел дека еден од нив е со лопата во рацете, од неговата соба зел револвер, кој го поседувал без дозвола, излегол пред портата и го застрелал Мустафа трипати во градите, а татко му еднаш во главата, по што се дал во бегство.

Настанот го пријавил, полициски службеник, кој му е сосед на пријавениот, а кој се обидел да го спречи во бегството и по радиоврска објавил во која насока се движи. Набрзо по објавата, на улицата Дижонска, пријавениот е забележан од полициски службеници на Единицата за брз одговор и интервенција „Алфа“, кои му пришле да го легитимираат, но тој пружил активен отпор, по што е совладан и приведен во полициска станица.

Во моментот на лишувањето од слобода, кај Тахире пронајден еден револвер „Магнум“, со пет чаури и еден неиспукан проектил, како и 2.300 евра и 16.000 денари.

На местото на настанот од страна на полициски службеници од СВР Скопје, во присуство на Јавен обвинител е извршен увид, а подигнатиот материјал е предаден за понатамошна обработка во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.