Кривична за претседателот на Студентски парламент во Штип

Кривична пријава е поднесена против претседателот на Здружението на граѓани ,,Студентски парламент на Универзитетот Гоце Делчев Штип.

Како што соопштува МВР, за 27- годишниот Г.С. од Штип, постои основано сомнение дека сторил продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

На правни лица противправно им исплатил над 5 милиони денари

Пријавениот во својство на Претседател на Здружението и овластено лице во правниот промет,  ја искористил својата службена положба и овластување и во временскиот период од 1-ви јануари 2013-тата година до 31-ви мај годинава  без почитување на Статутот на Здружението, на повеќе правни  лица од кои вршел разни набавки и на повеќе физички лица од сметката на Здружението од  собраните парични средства од студентите на УГД Штип кои ги уплаќале при заверка на семестар, незаконито им исплатил вкупна сума во износ од 5.628.117 денари.

Со ова тој им овозможил на правните лица да се стекнат со некаква имотна корист, а на штета на Здружението.

Пријавениот на повеќе правни и физички лица незаконито им исплатил вкупна сума во износ од 1.409.232 денари. Плаќањата ги вршел противправно  врз основа на фиктивна книговодствена документација.

Противправно за себе присвоил над 500.000 денари

Во наведениот период  пријавениот, покрај тоа што исплаќал пари на правни лица, во неколку наврати  противправно за себе присвоил вкупна сума во износ од 509.071 денари.

Имено, тој ги префрлил паричните средства од сметката на Здружението на неговата лична трансакциска сметка  и на сметката на неговата фирма ,,Гомакс Уно“ Штип противправно без никаков основ и без   покритие.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.