Кривична пријава за унгарски хакер – празнел сметки во Македонија

Кривична пријава е поднесена против унгарски хакер, кој служејќи се со измама, од сметката на македонски државјанин земал 17.400 евра.

Како што информира МВР, Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, до надлежното ОЈО Скопје поднела кривична пријава против унгарскиот државјанин К.М.(43) од Будимпешта, поради постоење основи на сомнение дека во текот на ноември годинава, со цел противправно да се стекне со имотна корист од околу 17.400 евра, сторил две кривични дела „измама“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.

К.М. во текот на ноември годинава неовластено навлегол во компјутерскиот систем и ја пресретнал електронска комуникација во врска со набавка на вештачко ѓубриво на две правни лица, едно од Република Македонија и едно од Грција.

Откако правните лица се договориле за набавката на вештачко губриво (плаќањето во износ од 17.376 евра да биде по профактура), пријавениот следејќи ја комуникацијата помеѓу двете правни лица на 10-ти минатиот месец, од неговата електронска пошта скоро идентична со електронската пошта на правното лице од Грција, претставувајќи се во нивно име, испратил порака до правното лице од Скопје во која ги известил дека паричните средства треба да ги уплатат на друга банкарска сметка, затоа што претходната банкарска сметка е блокирана, притоа давајќи им банкарска сметка од банка, со седиште во Будимпешта-Унгарија.

Кривична пријава за унгарски хакер – празнел сметки во Македонија
Кривична пријава за унгарски хакер – празнел сметки во Македонија

Правното лице од Скопје два дена по добиеното известување, ја извршило уплатата на посочената банкарска сметка.

По дознавањето за кривично правните настани, од страна на  Единица за економски и компјутерски криминал превземени се мерки и активности при што е утврдено дека, пријавениот за комуникација со оштетеното правно лице од Скопје, користел сервер и ИП адреса од САД и електронска пошта, која се разликува од оригиналната електронска пошта на правното лице од Грција, единствено во крајните букви на меилот и наместо „.gr“ е впишано „.cc”.

Понатаму, во соработка со Секторот за меѓународна полициска соработка и со  Управата за финансиско разузнавање во Министерството за финансии на РМ, извршени се проверки и превземени мерки, со цел да се спречи исплата на паричните средства бидејќи истите се предмет  на кривично дело. Испратено било барање до надлежните служби во Унгарија и уплатените парични средства на банкарската сметка во Унгарија, се замрзнати и вратени  на трансакциска сметка на  правното лице од Скопје.