Кривична пријава за двајца скопски дилери

Кривична пријава за двајца скопски дилери
Кривична пријава за двајца скопски дилери
Секторот за внатрешни работи-Скопје во два одвоени случаи поднесе кривична пријава против Р.Ѓ.(35) и И.Б.(42), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“.

Како што соопшти денеска МВР, дополнително против Р.Ѓ е поднесена кривична пријава и за кривичното дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Од страна на судии на претходна постапка и на двајцата пријавени им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена.

Во првиот случај, по претходно преземени мерки и активности од страна на полициски службеници утврдено е дека Р.Ѓ во неговиот дом насадил и одгледувал марихуана, која ја препакувал и продавал на уживатели од Скопје. Со наредба од судија на претходна постапка извршен е претрес во неговиот дом, при што се пронајдени повеќе ќеси со поголема количина сушена марихуана, цветови и листови од марихуана, како и една дигитална вага со траги од марихуана. Покрај пронајдената марихуана, во домот на пријавениот пронајдени се и 10 патрони за ловечка пушка, кои пријавениот  нелегално ги поседувал по што бил приведен. Р.Ѓ. покрај тоа што бил кривично пријавуван за недозволена трговија со марихуана, во крим евиденцијата на СВР Скопје е како сторител на кривични дела од областа на насилниот криминал и имотните деликти.

Во вториот случај пријавениот И.Б. од засега непознато лице, набавил поголема количина на хероин и мешавина од парацетамол, кофеин и лидокаин, соединение кое на илегалниот пазар најчесто се користи како додаток во некои дроги со цел за зголемување на нивната маса. Тој планирал да ги препакува за улична продажба на уживатели од Скопје. Со наредба од судија на претходна постапка бил извршен претрес во неговиот дом и други простории каде привремено престојувал при што во заедничките простории во подрумскиот дел, до влезот на зградата  биле пронајдени  и одземени четири паковки со непозната прашкаста материја, една дигитална златарска вага, едно пластично шише и алуминиумска фолија.

По извршеното вештачење било утврдено дека доставената прашкаста материја е наркотична дрога хероин со вкупна нето маса од 282,91 грама и 218,84 грама мешавина од парацетамол, кофеин и лидокаин, додека на шишето, вагата и алуминиумската фолија биле пронајдени траги од хероин и кокаин.

И И.Б. досега бил кривично пријавуван за недозволена трговија со хероин, недозволена трговија со оружје, со кривични пријави од областа на крвни деликти, насилен криминал и од областа на имотните деликти, за што во временскиот период од 1990 до 2012 година му биле поднесени 17 кривични пријави.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.