Кривична пријава за лихвари од тетовско Стримница

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.Е. (50) и А.Е. (77) од тетовското село Стримница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лихварство“.

Како што јавува МВР, во текот на месец јануари 2015 година, Н.Е. отишол во менувачница, сопственост на Ф.Н. од с. Палатица и побарал да му смени 80.000 швајцарски франци во евра. Бидејќи станувало збор за поголема сума истиот му кажал дека треба да причека неколку дена, по што Н.Е. се согласил и му ги оставил парите.

По ова во повеќе наврати пријавениот одел во менувачницата по што го добивал истиот одговор, се до месец април 2015 година кога Ф.Н. му дал на Н.Е. 20.000 евра, а за остатокот му кажал дека ќе му ги даде за кратко време.

Откако истото не било сторено пријавените го однеле оштетениот Ф.Н. кај адвокат по што го присилиле да потпише изјава со која се обврзува дека доколку останатиот долг од 60.000 евра не го врати до 01.12.2015 година, да исплати камата од 400 евра.

По ова, иако била направена изјавата, оштетениот не ги исплатил парите во наведениот рок по што на 03.02.2016 година, пријавените го однеле кај друг адвокат за да направи нова изјава во која навел дека од страна на пријавените му биле оставени 80.000 швајцарски франци за размена во евра и дека од наведената сума вратени им се 20.000 евра, а остатокот требало да го врати до 03.04.2016 година, но во изјавата не била наведена камата.