Кривична пријава за пет судии од Прилеп

Кривична за фалсификатори од Струмица

Петмина судии при Основен суд Прилеп, тројца вработени во ЈЗУ „Психијатриска Болница Демир Хисар“ и еден раководител на затворска здравствена служба при КПУ „Идризово“ Скопје, заработија кривична пријава поради основано сомнение дека истите сториле кривични дела  „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „помагање“.

Како што соопшти МВР, лицата се товарат дека на лице осудено за убиство со правосилна пресуда, му овозможиле да не издржи голем дел од изречената казна. Станува збор за убиство кое лицето го извршило на 30 Септември 2006 година во Прилеп, кога со ловечка пушка го убил 29 – годишниот Љупчо Коларовски заради нерасчистени должничко-доверителски односи.

Имено, првите петмина пријавени во својство на службени лица, вработени како Судии во Основен суд Прилеп заедно со лицата вработени како доктори во Психијатриска болница во Демир Хисар и доктор вработен во КПУ „Идризово“ во периодот 2012 до 2014 година преземале дејствија кои не смееле да ги преземат, односно истите континуирано ги пречекориле своите службени овластувања, преку донесување на одлуки спротивно на Законот за извршување на санкциите, а дел од нив и преку изготвување на невистинита медицинска документација, со што му овозможиле на осуденикот (осуден на казна затвор во вкупно траење од 10 години и 7 месеци за кривични дела “убиство“ и “измама“) да не ја издржува казната затвор и да биде на слобода спротивно на Законот за извршување на санкциите и Законот за кривична постапка.

Поконкретно првопријавениот во својство на судија за извршување на санкции, се товари дека ги пречекорил границите на своето службено овластување, на начин што во постапките за прекин на издржувањето на казната затвор, донел Решенија за прекин на издржување на казната врз основа на ирелевантна медицинска документација, а донел и одлуки за прекин на издржувањето на казната затвор без воопшто да обезбеди Мислење од затворската здравствена служба на КПУ „Идризово“.

Истиот донел и Решение за прекин на издржувањето на казната затвор поради лекување од позиција на слободен граѓанин, спротивно на Мислењето на затворската здравствена служба на КПУ „Идризово“ според кои пак лекувањето требало да се врши во психијатриска установа од затворен тип. Решенијата за прекин на издржувањето на казната затвор биле спротивни и на седум Мислења на Основното јавно обвинителство Прилеп кои биле негативни во однос на донесување на судска одлука за прекин на издржувањето на казната. Пријавениот не презел службени дејствија кои бил должен да ги преземе, односно ниту еднаш во 25-те месеци во периодот од 19.07.2012 година до 26.09.2014 година, додека осуденикот неосновано бил на слобода, не ги ставил ВОН сила Решенијата на Основен суд Прилеп. Исто така Љ.Т. не презел дејствија на присилно спроведување на доиздржување на казната затвор во КПУ „Идризово“, иако знаел дека рокот на важење на прекините на издржување на казната согласно Решенијата на Основен суд Прилеп бил истечен, овозможувајќи му на осуденикот само по основа на истечени рокови по решенијата, 138 дена неосновано да се наоѓа на слобода.

Останатите пријавените судии како членови на Кривичен совет во Основен суд Прилеп, идентично на првопријавениот, а спротивно на Законот за извршување на санкции и Законот за кривична постапка, гласале да му се прекине издржувањето на казната, без притоа воопшто да биде обезбедено Мислење од затворската здравствена служба на КПУ „Идризово“ и Мислење од надлежниот Јавен Обвинител, гласајќи спротивно на сите Мислења и Жалби на Основното јавно обвинителство Прилеп кои биле негативни во однос на донесување на судска одлука и воопшто не се произнеле по барањето на ОЈО Прилеп за независни медицински прегледи на осуденикот.

Пријавениот доктор во КПУ „Идризово“ на 02.07.2012 година и на 29.10.2013 година, сочинил две Мислења во кои внел невистинита содржина дека врз основа на медицинската документација актуелната здравствена состојба на осуденикот била влошена, иако врз основа на медицинската документација со која што располагал и која бил должен да ја води согласно Законот за извршување на санкции, знаел дека тоа е во спротивност со фактичката состојба. Со ваквите мислења овозможил Судијата за извршување на санкции да донесе Решение за осудениот неосновано да се наоѓа на слобода и да не ја издржува казната затвор.

Исто така пријавените доктори во ЈЗУ „Психијатриска болница Демир Хисар“, со пречекорување на своето службено овластување со цел да му овозможи на осуденикот неосновано да ги исполни законските услови за прекин на издржувањето на казната затвор, до Судијата за извршување на санкции доставиле Известување во кое внеле невистинита содржина дека Амбулантските прегледи на осуденикот во дневната болница при ЈЗУ „Психијатриска болница Демир Хисар“, се вршат „после чести епилептични напади“, иако знаеле дека тоа е во спротивност со фактичката состојба и релевантната медицинска документација со која располагале како одговорни лица во болницата. Со намера да прикажат дека осудениот се лекува во судско психијатриското одделение кое е одделение од затворен тип и во кое исклучиво се лекуваат осуденици под постојан безбедносен надзор, а не дека е на слобода и се лечи амбулантски, изготвиле и потпишале Извештаи на специјалист субспецијалист во кои внеле невистинита содржина дека тој се лекува во затвореното судско психијатриско одделение при ЈЗУ „Психијатриска болница Демир Хисар“.