Кривична пријава за прилепчани за обид за кражба во Скопје

МВР соопшти дека пријавените на 11-ти овој месец, во претпладневните часови на подрачје на Кисела Вода, поточно во стан на ул. „Марко Цепенков“ го извршиле првото кривично дело. Откако дошле до станот и се увериле дека во станот и во околината нема никого, со употреба на физичка сила и погоден алат, делувале на бравата од влезната врата со цел да ја отворат, но во истиот момент од непознати причини се откажале од намерата. Пријавените се упатиле кон соседниот стан,  каде исто така со употреба на погоден алат и физичка сила делувале на бравата од влезната врата, со цел да ја отворат, но откако слушнале тропање од соседниот стан се откажале од намерата и избегале кон погорните спратови од зградата.

Очевидец откако ги забележал сторителите како се обидуваат да извршат кривично дело веднаш пријавил во полиција, по што на местото на настанот за кратко време пристигнале полициски службеници од Алфа и униформирани полициски службеници од ПС Кисела Вода кои извршиле пребарување во зградата и ги пронашле тројцата пријавени по што биле приведени во ПС Кисела Вода.

При приведувањето од страна на полициските службеници од единициата АЛФА бил извршен преглед при што кај  третопријавениот К.П. пронајдена била една платнена машка чанта во која имало бланко патент клучеви, разни штрафцигери, цевчест подесувачки алат со ламели за отварање блиндор брави, алуминиумски фолии за патент клучеви и други алати потребни за отварање разни типови на брави, а кај првопријавениот Д.М. пронајден бил еден штрафцигер. Наведените предмети со потврди за привремено одземени предмети се одземени и доставени до СВР Скопје за  вештачење.

Инаку Д.М. е познат сторител на кривични дела од областа на имотните деликти за извршени три кривични дела во Струмица, и по едно во Куманово и Скопје. Второпријавениот е евидентиран како сторител на кривични дела од областа на имотните деликти и тоа едно во Неготино едно во Охрид потоа 29 кривични пријави во Прилеп и две во Скопје, додека пак третопријавениот К.П. е евидентиран како сторител на девет кривични дела во Прилеп и две во Скопје.