Кривична пријава за скопјанец за „кражба” и „пустошење на шуми”

Полицијата поднесе кривична пријава против М.А. (38) од скопското село Љуботен поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „кражба“ и „пустошење на шуми“.

Како што соопшти денеска МВР, на 14 август годинава околу 21:30 часот на земјен пат на местото викано „Башинец“, кон село Љубанци, при контрола на товарно возило „Мерцедес 1213“, управувано од пријавениот, полициски службеници пронашле букови огревни дрва, без соодветна документација.

На 15 овој месец на истото место полициски службеници и овластени службени лица од шумска полиција констатирале дека била извршена противправна сеча на букова дрвна маса од околу 10,14 метри кубни.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Македонски Брод поднесе кривична пријава против Ѓ.С., Ј.А., И.М., О.А. и А.С., сите од кичевското село Пласница поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „спречување на службено лице во вршење на службени дејствија„ и „спречување на докажување“.

На 18 јули 2018 година на местото викано „Стрмол“, атар на село Пласница при вршење на контрола од страна на полициски службеници и претставници на ЈП „Македонски шуми“ биле затекнати лицата во бесправна сеча на дрва, при што биле одземени моторни пили, букови огревни дрва и секири.

Истиот ден околу 21:30 часот во атарот на село Пласница, на место викано „Горна Глава“, службените лица биле пресретнати од група граѓани кои го блокирале локалниот пат со моторни возила, по што групата почнала да упатува закани по живот на службените лица.