Кривична пријава за скопјанец за „насилство“ врз новинари

Како што соопшти денеска МВР, пријавениот на 27-ми минатиот месец, заедно со уште едно засега непознато лице во централното градско подрачје со употреба на физичка сила извршиле кривично дело „насилство“ во кое со телесни повреди се здобиле двајца новинари од електронскиот медиум „А1-ОН“.

Кривичното дело се случило околу 18:45 часот на улица „Македонија“, пред „Порта Македонија“, по завршување на протестниот марш на група граѓани под името „За заедничка Македонија“, кој новинарите медиумски го покривале.

Во моментот кога од Собранието на Република Македонија оштетените тргнале кон нивната редакција која се наоѓа во близина на плоштадот „Македонија“, пред „Порта Македонија“ забележале повеќе лица како од „Порта Македонија“ фрлаат ливчиња/флаери кои биле во форма на банкноти и на нив имало текст на македонски и на албански јазик, по што одлучиле да го документираат настанот.

Кога почнале да снимаат им пришол М.К. со уште едно непознато машко лице и од нив побарале да се легитимираат, на што оштетените одбиле, притоа кажувајќи им дека немаат потреба да им се легитимираат бидејќи тие не се службени лица. Незадоволен од реакцијата на новинарите, пријавениот прво физички го нападнал А.Т. удирајќи го со боксови и клоци во пределот на главата и телото, а В.Ж. бидејки бил наведнат и ги снимал ливчињата-банкноти добил удар во задниот дел од главата, по што паднал на земја и добил уште еден удар во предел на вратот со нога, по што паднал во бессознание. А.Т. во тој момент повикал помош и пришле униформирани полициски службеници кои веднаш почнале да го бркаат пријавениот и другото непознато лице, кои се дале во бегство кон Градскиот трговски центар.

Непосредно по настанот пристигнала екипа на итна медицинска помош со чие возило оштетените се пренесени во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош, од каде со констатирани телесни повреди и по укажаната лекарска помош се пуштени на домашно лекување.

При преземање мерки и активности од Единицата за насилен криминал обезбедена е информација дека можен извршител на кривичното дело, односно едно од лицата кои го извршило кривичното дело е лицето М.К. По извршениот преглед на видео материјалот од безбедносните камери на ГТЦ и извршената споредба со предходно објавена слика на интернет порталот „www.sdk.mk“, со фотографија од евиденциите на МВР потврдено е дека се работи М.К. од Скопје, познат сторител на имотни деликти и нарушител на јавниот ред и мир.