Кривична за управник и раководител на УЈП – Тетово

Кривична за управник и раководител на УЈП – Тетово. Се товарат дека со злоупотреба на службената положба и овластување ја оштетиле државата за износ од 14.884.949 денари.

Кривична пријава е поднесена против Ѓ.К.(51) од Тетово управник во УЈП-Регионална дирекција-Тетово, С.А.(62) од Македонски Брод раководител во УЈП Тетово и против непознат сторител вработен во УЈП Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Како што информираат од МВР, пријавените во својство на управител и раководител ја злоупотребиле службената положба на тој начин што не обезбедиле наплата на долг односно даночна обврска на Авто мото здружение од Гостивар што ја имало кон УЈП.

Тие исто така не постапиле согласно законот за даночна постапка, и не обезбедиле залог на недвижен и движен имот кој не бил оптоварен со хипотека за кој УЈП водела постапка со Авто мото здружение Гостивар за побарување во извршна постапка. Поради ова Управата не можела да ги наплати своите побарувања бидејќи врз недвижниот имот на здружението била запишана хипотека во корист на „Триглав“- осигурување.

Со овие дејствија по основ на неплатен данок на доход и камата оштетен е буџетот на Република Македонија за износ од 14.884.949 денари.