Крими хроника

Кривична за две лица осомничени за тешки кражби

Кривична за две лица осомничени за тешки кражби

Кривична пријава е поднесена против 19- годишниот Ш.Г. и едно малолетно лице на возраст од 16 години од Скопје. Постои сомнение дека Ш.Г. извршил пет кривични дела од кои едно „одземање на моторно возило“ и четири кривични дела „тешки кражби“, а второтопријавеното лице извршило три кривични дела „тешки кражби“. Од страна на судија на претходна постапка на Ш.Г. одредена му е мерка притвор во траење од осум дена.

Како што соопшти МВР, првопријавениот Ш.Г. на 5-ти минатиот месец во точно неутврдено време на улицата „Скупи“, поточно во близина на болницата Бардовци, одземал патничко моторно возило марка „југо темпо“, при што со употреба на погоден предмет (клуч или калауз) ја отворил заклучената врата од паркираното возило, влегол внатре, насилно ги откорнал жиците од контакт бравата и со нивно спојување го ставил возилото во погон при што незабележан од никого го напуштил местото на настанот. По поминати одреден број километри, одземеното возило го паркирал во атарот на селото Злокуќани во непосредна близина на пешачкиот мост кај Вардар и пред да го напушти возилото го одзел акумулаторот и една кутија со алати. Алатите ги продал на непознато лице, а акумулаторот го продал во отпад, додека добиените пари ги потрошил за свои потреби.

Останатите три кривични дела тешки кражби ги извршил заедно со малолетното лице  во периодот од 28 декември минатата година до 2-ри овој месец во различен временски период на подрачјето на Карпош.

Првите две кривични дела тешка кражба, појаснуваат од МВР, ги извршиле на идентичен начин во празни деловни простории на улицата „Црвена Армија“, така што со употреба на сила ја отвориле влезната врата, влегле и погоден алат ја исекле доводната и одводната инсталација при што одзеле четири радијатори и по истиот пат од кај што влегле заедно со украдените предмети го напуштиле местото на настанот. Радијаторите со такси возило ги однеле во отпад каде што ги продале за сума од околу 2800 денари.

На 2-ри февруари околу 15, Ш.Г. и малолетното лице извршиле тешка кражба во куќа лоцирана на ул.„Скупи“, каде што ја прескокнале оградата, влегле во дворот по што се качиле на летната тераса од каде што одзеле едно плинско решо и две плински боци по што го напуштиле местото на настанот. Наредниот ден украдените предмети ги однеле на пазарот за стари работи „Под Кале“ каде ги продале на непознати купувачи за сума од 3.000 денари, а добиените пари ги потрошле за свои лични потреби.

– Во  ПС ОН Карпош билe извршени разговори со пријавениот Ш.Г. и малолетното лице во присуство на родител при што ги признале и појасниле начинот на извршувањето на кривичните дела. Дел од украдените предмети со потврда се одземени и вратени на оштетените, се наведува во соопштението на МВР.

Инаку Ш.Г. е познат сторител на кривични дела од областа на имотните деликти, кривични дела против половата слобода и половиот морал и кривични дела против општата сигурност на луѓето и имотот за што од страна на СВР Скопје од 2013  до 2015 година му биле поднесени 23 кривични пријави. Малолетното лице, истакнуваат од МВР, исто така е познат сторител на кривични дела од областа на имотните деликти и кривични дела против општата сигурност на луѓето и имотот за што од страна на СВР Скопје во текот на минатата година му биле поднесени 12 кривични пријави.