Кривични пријави за двајца скопски разбојници

Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против скопјанецот Љ.Ј.(22) поради сомнение дека сторил три кривични дела, од кои две кривични дела „разбојништво“ и едно кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и против скопјанецот В.П.(34) поради постоење сомнение за сторени две кривични дела „разбојништво“ при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 15.050 денари. Судија на претходна постапка на пријавените им одреди мерка притвор во траење од по 30 дена.

Првото кривично дело „разбојништво“, како што информира полицијата, го извршиле на 28 ноември годинава околу 02:30 часот, на тој начин што откако дошле до раскрсницата помеѓу ул.„Димо Хаџи Димов“ и ул.„Народни Херои“ поточно во тобако „Томи“, Љ.Ј. со закана по неговиот живот му ги побарал парите на вработениот и во тој момент го откорнал шалтерското плексиглас стакло, се протнал и ја извлекол фиоката од регистар касата при што го оштетил и стаклото од влезната врата. Откако ја одзеле фиоката од регистар касата во која имало 9.000 денари и три штеки цигари „Бос класик“, го напуштиле местото на настанот.

Второ кривично дело „разбојништво“ пријавените го извршиле на 4-ти овој месец, околу 04:20 часот на ул.“Филип Втори Македонски“, поточно во Тобако „Екстра Кофи“. Додека В.П стоел до тобакото, Љ.Ј. со употреба на физичка сила и удар со нога, го скршил стаклото од влезната врата која била затворена но незаклучена, влегол внатре и на вработената и се заканил да му ги даде парите по што таа одбила, а тој го зел држачот каде што биле наредени кутиите со цигари, ја турнал вработената, излегол од тобакото и заедно со В.П. со трчање се упатиле во правец на паркинг просторот зад тобакото, каде што биле забележани од страна на полициски службеници. Во истиот момент В.П. бил фатен и приведен, додека Љ.Ј. избегал кон бул.„Кочо Рацин“, каде  бил фатен од страна на Единицата Алфа. При обидот да биде легитимиран тој се оглушил на дадените наредби и почнал да ги омаловажува и навредува полициските службеници, при што во еден момент со нога удрил еден од полициските службеници во пределот на главата. Истиот бил приведен по што бил извршен разговор и со потврда за привремено одземени предмети, од него биле одземени  цигарите и држачот за цигари.

Врз основа на судска наредба од судија на претходна постапка извршен бил претрес во домот на пријавените, при што биле пронајдени предмети кои потекнуваат од кривичното дело  разбојништво извршено на крајот од минатиот месец.

Против Љ.Ј. предходно се поднесени четири кривични пријави за извршени четири кривични дела од кои две кривични дела „одземање моторно возило“ и две кривични дела „загрозување на безбедноста на сообраќајот“, додека против В.П. се поднесени три кривични пријави за извршени три кривични дела „фалсификување пари“, „фалсификување исправа“ и „тешка кражба“.