Кривични пријави за напаѓачите на полицајците во Тетово

Секторот за внатрешни работи Тетово вчера до Основното јавно обвинителство поднесе кривични пријави за четири лица од градот поврзани со нападот врз четворицата полицајци што во четвртокот околу 18 часот се случи во Тетово, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Тој истакна дека А.И.(69) е осомничен за убиство во обид бидејќи, според досегашниот тек од истрагата, тој со железна шипка ги нападнал полицајците, при што двајца од нив се здобиле со тешки телесни повреди по главите  и телата по што биле префрлени на скопските клиники. Врз едниот од полицајците кој бил најтешко повреден бил извршен хирушки зафат и е во сериозна здравствена состојба.

– Неговиот син И.И.(40) се сомничи за напад на службено лице при вршење работи на безбедност.  При обидот за негово апсење поради правосилна судска пресуда со која И.И. е осуден на казна затвор од една година поради нанесување тешка телесна повреда, дојде до нападот врз полицајците, рече Јосифовски.

Останатите две лица Е.Ј.(36) и 17 годишниот син на И.И., посочи, се осомничени како соизвршители при напад на службено лице што врши работи на безбедноста.

– Е.Ј. уште во петокот половина час по полноќ бил приведен и задржан од полицијата а во текот на вчќерашниот ден тој бил изведен пред судија во претходна постапка на Основниот суд во Тетово кој му определил на Е.Ј. притвор од 30 дена. Истата мерка притвор во траење од 30 дена им е определена на А.И., И.И. и 17-годишниот малолетник кои се во бегство и кои се бараат, додаде Јосифовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.