Криза со мигрантите: Хуманитарен Пинг – понг од Медитеранот до ЕУ

Земјите од Европската Унија, секоја на свој начин се справуваат со новата криза која ја погоди Унијата – Криза со мигрантите. Некои градат ѕидови, некои прифатни центри, некои ја менуваат законската регулатива… Во главно, се случува она што во светот стана познато како хуманитарен пинг – понг. Мигрантите се префрлаат од земја во земја се до крајната дестинација.

По еконосмките кризи, Европската унија е погодена од нова криза – Криза со мигрантите. Бегалците од Сирија, Авганистан, Африка и други земји во потрага по подобар живот избираат неколку транзитни линии преку кои се обидуваат да стигнат до Европската Унија. Во моментов земјите од Европската Унија се соочуваат со најголемата бегалска криза уште од времето на војната во Босна во 1992-та година.

Транзитни линии по кои мигрантите се обидуваат да стигнат во ЕУ
Транзитни линии по кои мигрантите се обидуваат да стигнат во ЕУ

Како што покажува и табелата објавена од Би Би Си, најголем дел од мигрантите го преминуваат Медитеранот па преку Грција и Италија се обидуваат да стигнат во земјите на ЕУ.

Според податоците објавени од би Би Си повеќе од 240.000 мигранти досега во текот на годинава го преминале Медитеранот и пристигнале на бреговите на Грција и Италија, пред понатаму да се упатат кон други дестинации. Според податоците од ОН во текот на минатата недела во Грција пристигнале околу 21.000 мигранти, а Грција истовремено е една од клучните точки од каде понатаму мигрантите се упатуваат кон другите земји во ЕУ.

Исто така, голем дел од нив се обидуваат преку Турција да пристигнат во Грција, па оттаму по копнен пат се упатуваат кон конечните дестинации.

Во Кос (Грција) пристигнуваат од Бодрум (Турција), фото: АП
Во Кос (Грција) пристигнуваат од Бодрум (Турција), фото: АП

 

Во Кос (Грција) пристигнуваат од Бодрум (Турција)

Мигрантите кои бегаат од Сирија, Афганистан, Африка и други места ги користат поволните временски услови во текот на летото за да го преминат Егејското море помеѓу турскиот остров Бодрум во грчкиот остров. Оддалеченоста помеѓу овие два острови е само 4 километри и станува збор за еден од најкратките водени патишта помеѓу Турција и Европската Унија.

Меѓународната организација за Миграција проценува дека најмалку 2.300 мигранти годинава починале во обид да стигнат до Европската Унија. Но, нема податоци колку лица починале додека се обидуваат да го поминат Егејското море помеѓу островите Бодрум и Кос.

Во Кос (Грција) пристигнуваат од Бодрум (Турција), фото: АП
Во Кос (Грција) пристигнуваат од Бодрум (Турција), фото: АП

Како што пишува британскиот весник „Телеграф“, мигрантите, за жал најчесто зависат од криумчарите на мигранти, кои за таа имаат добро развиен бизнис, па дури и сопствена „такси компанија“ за пренос преку Морето.

Ако мигрантите бидат фатени како илегално се обидуваат да ја преминат границата, ќе треба да платат казна во износ од 2.200 турски лири (околу 500 евра) а потоа ги препраќаат во Турската агенција за мигранти од каде ги сместуваат во камп за бегалци, така што, не постои гаранција дека мигрантите безбедно ќе пристигнат во Кос или дека криумчарите ќе им ги вратат парите.

Еден очевидец, кој бил вклучен во операциите за спасување вели:

Најголем дел од нив неможат да платат за превоз. Одат во камповите и се враќаат повторно, вели тој и додава дека видел еден човек како се обидува да премине дури четири пати.

Според податоците од Турската влада, Турската крајбрежна стража досега спасила речиси 13.800 мигранти во Егејското Море во текот на последниот месец и повеќе од 5.275 во последната недела.

Во Кос (Грција) пристигнуваат од Бодрум (Турција), фото: АП
Во Кос (Грција) пристигнуваат од Бодрум (Турција), фото: АП

Вчера, мигрантите и бегалците ја опколиле полициската станица во Кос во знак на протест за одложувањата со документацијата. Како резултат на инцидентот полициските службеници останале во станицата со часови.

Градоначалникот на Кос, Ѓоргос Кирицис, кој претходно предупреди дека се можни судири докјолку грчката влада не помогне за состојбите на островот, го осуди инцидентот и рече дека ситуацијата во иднина би можела уште повеќе да ескалира.

Има потреба од постојано присуство на специјални полициски единици во Кос. Ова го побарав уште на почетокот. Време е сите да сфатат дека процесот за документација неможе во целост да се реализира во полициската станица во Кос. Невозможно е да се идентификуваат 3 до 4 илјади луѓе. Уште еднаш предупредувам дека ако работите продолжат вака, ситуацијата може да излезе од контрола, изјави градоначалникот.

Бродот „Елефтерос Венизелос“ тргна со 1.700 сириски бегалци од грчкиот остров Кос
Бродот „Елефтерос Венизелос“ тргна со 1.700 сириски бегалци од грчкиот остров Кос

Патничкиот брод „Елефтерос Венизелос“ кој вчера наутро тргна со 1.700 сириски бегалци од грчкиот остров Кос, синоќа уште еднаш ја промени крајната дестинација.

Според информациите од Грчката крајбрежна стража, најверојатно бродот ќе вплови во пристаништето Пиреја денес околу 9 часот наутро, каде конечно мигрантите ќе бидат истоварени. Пред последната промена на распоредот, беше планирано бродот да пристигне во Солун, од каде мигрантите требаше со автобуси да бидат пренесени до границата со Македонија, пишува Грик Рипортер.

Македонија на патот на мигрантите

Македонија на патот на мигрантите
Македонија на патот на мигрантите

Македонија како земја која се најде на транзитната линија на мигрантите ја промени законската регулатива со цел полесно справување со кризата. Мигрантите во моментов или добиваат потврди за добивање на азил или во рок од 72 часа мора да ја напуштат земјата.

Според последните податоци од МВР, во периодот од 19.06.2015 до 19.08.2015 година во 08,00 часот, издадени се потврди на вкупно 40.087 странски државјани, од кои, 27.507 се од машки пол, 5.606 се од женски, 6.408 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 566 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.

Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-32.457, потоа Авганистан-2.016, Ирак-1.900, Пакистан-1.119, Сомалија-561, Палестина-550, Конго-301, Камерун-140, Еритреја-138, Нигерија-138, Етиопија-109, додека останатите се во помал број, соопштуваат од МВР.

Инаку, како што информира МВР, од започнувањето на издавањето на потврдите до 19.08.2015 година до Одделението  за азил се поднесени 47 барања  за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда , при што 34 барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан од нив четири се деца кои го придружуваат родителот, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак (едно од барањата е за деца) и едно барање од државјанин на Египет.

Оние пак што одлучиле да го продолжат својот пат кон земјите на ЕУ со возови и автобуси се пренесуваат кон српската граница.

Низ Србија поминале 90.000 мигранти

Од 1-ви јануари оваа година досега преку Србија поминале 90.000 имигранти, изјави на прес-конференција српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ и додаде дека дневно на територијата на Србија влегуваат до 2.000 лица, од кои повеќето веднаш ја напуштаат земјата.

Министерот рече дека оние кои остануваат, се задоволни од односот на властите кон нив и досега немало ниту еден инцидент меѓу имигрантите и локалното население.

Преку Србија, следната дестинација кон која најчесто се упатуваат мигрантите е Унгарија.

Унгарија гради ѕид

Со цел да се справи со се поголемиот наплив на мигранти, Унгарија одлучи да подигне ѕид на границата со Србија.

Унгарската армиja во јули почна со изградба на ѕид како од ограда долж својата гранична линија со Србија, за да ги сопре бегалците, кои доаѓаат најмногу од Сирија.

До јули, кога започна да се гради ѕидот, околу 80.000 мигранти и бегалци влегле во Унгарија во текот на годинава. Речиси 80 отсто од нив се од Сирија, Ирак и од Авганистан, земји во кои беснеат војни. Повеќето од нив бараат првично засолниште, но кратко потоа заминуваат за други, побогати земји од Европската унија како Германија и Шведска.

Германија преплавена од мигранти

Германија е најпосакувана европска дестинација и прва на удар на т.н. криза на мигрантите. Дури 43 проценти од вкупно 400.000 поднесени молби за азил во Европа до крајот на јуни отпаѓаат на оваа земја.

Инаку, во моментов околу 45.000 мигранти во Германија се сместени во привремени домови додека чекаат дали ќе им биде одобрен азил, а за 100.000 до 150.000 луѓе недостига сместување.

Прифатен центар за азиланти во Германија
Прифатен центар за азиланти во Германија

Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезијер информира дека очекувањата на германската Влада се дека оваа година во Германија околу 800 илјади лица ќе побараат азил. Претходните владини проценки беа дека таа бројка може да достигне околу 450 илјади луѓе.

Баратели на азил во земјите на ЕУ за 2014
Баратели на азил во земјите на ЕУ за 2014

Јасно е дека ЕУ се соочува со доста голема криза, во поглед на огромниот прилив на мигранти, како во земјите членки, така и во земјите што се на транзитната линија. Додека не се донесе конечно системско решение со кое конечно ќе се реши оваа најнова криза, продолжува хуманитарниот пинг – понг од Медитеранот до ЕУ.

 

Инаку швајцарската политика за азиланти се смета дека е поуспешна од европската, повеќе за ова на следниот линк.